Општина Струмица го одбележа Меѓународниот ден на победата над фашизмот
Со пригодна свеченост општина Струмица денеска го одбележа 9.мај – Меѓународниот ден на победата над фашизмот. Пред споменикот на паднатите борци во НОАВМ во малиот градски парк беше положено свежо цвеќе, а за значењето на празникот зборуваше Марјан Даскаловски, претседател на Советот на општина Струмица.
-Минатото, сегашноста и иднината мора да ни бидат во хармонија. Робувањето на еден историски период на сметка на друг е само чекорење во еден правец. Затоа треба да ги почитуваме настаните и луѓето кои испишале значајни страници од нашата, европската и светската историја, но искуствата кои произлегуваат од тие страници треба да бидат појдовна точка во креирањето на нашето заедничко утре. Минатото свршено време не треба да биде време на заборавот, но времето идно секако треба да биде императив за сите сегашни и идни генерации. На денешен ден пред 73 години, со потпишувањето на безусловната капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествувале 61 земја со над две милијарди жители. Безусловната капитулација на Третиот Рајх е потпишана во разурнатиот Берлин, само неколку минути по полноќ на 9. мај 1945 година. Со тоа беа запрени крвопролевањата и страдањата од Втората Светска војна во која загинаа над 50 милиони луѓе од кои дури 20 милиони беа од тогашниот Советски сојуз, а повеќе од 30 милиони беа цивили. Во нацистичките логори беа убиени околу 12 милиони луѓе од кои половината беа Евреи. Материјалната штета од Втората Светска војна, само во Европа беше проценета на околу 200 милијарди американски долари. Она што не смее да се заборави е дека и нашава земја беше дел од таа страотна војна. Македонија беше на страната на антифашистичката коалиција и во борбите против фашистичките окупатори даде околу 33 000 жртви, меѓу кои се и седумте илјади Евреи кои за време на војната беа депортирани во конценрационниот логор Треблинка. Поради сево ова Македонија, рамноправно со сите останати слободољубиви земји го слави денешниов ден затоа што победата над фашизмот беше победа и на Македонија како земја која беше на страната на праведните, на страната на оние кои сакаа мир, слобода и разбирање, рече Даскаловски.
Во чест на празникот членови на рецитаторската секција од домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.