ЦПЛИП – ПОРАКА преку натпревар во готвење и изложба ќе го одбележи 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица на 30.11.2017 г. (четврток) со почеток од 18:00 часот во Дом на АРМ – Струмица (голема сала), Ве кани на хуманитарна манифестација по повод одбележување на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
На хуманитарната манифестација ќе бидат претставени креации од серијата креативни работилници кои ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица ги реализираше во текот на 2017 година.
На настанот, исто така, ќе биде организиран и натпревар во готвење. Имено, членовите на Социјалниот клуб при ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, во три засебни тима, комбинирани со ученици од ООУ „Видое Подгорец“ – Струмица, ООУ „Никола Вапцаров“ – Струмица, Дневниот центар за деца со посебни потреби – Струмица, волонтери во Младинскиот клуб при Општинската организација на Црвен крст – Струмица и членови на Организацијата „Етно Вешта жена“ – Струмица, ќе изработуваат јадења, салати и десерти и ќе се натпреваруваат за највкусно подготвени јадења и најдекорирани и најубаво поставени маси за јадење.
Целта на ваквиот настан е да се подигне свеста кај пошироката јавност за можностите на лицата со попреченост во изработка на различни јадења, соработка, координација и тимска работа со нивни врсници без попречености, како и важноста од зајакнување на нивната положба во семејствата како еднакви и рамноправни членови кои можат да ги искористат своите можности, капацитети и креативно дејствување во секојдневните домашни активности.
Ве очекуваме заедно да ја испишеме уште еднаш нашата ПОРАКА!