Костадинов:Да се биде град – домаќин на „Арсенал кампот“ е голема чест
Вршителот на должноста градоначалник, Костадин Костадинов и претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, ги посетија дечињата и нивните тренери – учесници на „Арсенал кампот“ во Струмица. Поздравувајќи ги, Костадинов, рече дека за Струмица е голема чест да биде домаќин на овој тридневен спортски собир и им посака од тука да си заминат побогати со нови искуства и пријателства.
-Големо е задоволството што можам да ви се обратам на овој убав и за наши прилики несекојдневен спортски собир кој се случува во нашиов град, во спортска и фудбалска Струмица. Радосен сум што како в.д. градоначалник можам да ви ги пренесам поздравите од сите гостопримливи граѓани на Струмица, особено од љубителите на фудбалот и на спортот, воопшто. Да се биде град – домаќин на „Арсенал кампот“ е голема чест, затоа што овој клуб е еден од најдобрите фудбалски колективи во Европа и светот. „Топчиите“ од Лондон со своите 13 шампионски титули во англиската Премиер лига, како и со освоените први места во европскиот Куп на куповите и Купот на УЕФА, само потврдуваат дека се еден од најреспектабилните фудбалски клубови на нашава планета. Ја користам можноста да го поздравам скаутот на Фудбалскиот клуб „Арсенал“, господинот Лакис Папајоану, а се разбира и талентираните фудбалски надежи, учесници на овој „Арсенал камп“ од Србија, Косово, Бугарија и Македонија. Се надевам дека меѓу овие деца ќе се најде уште некој како нашиот струмичанец Дени Илиев, кој токму од еден таков камп беше избран да застане меѓу стативите од голот на „Арсенал“, и таму е веќе четири години. Посакувајќи ви уште еднаш добредојде во Струмица – „расадникот“ на големи фудбалски имиња со меѓународно реноме, ја споделувам со Вас мојата желба да имате успешен „Арсенал камп“ и по трите плодни денови да заминете побогати со нови искуства и пријателства, рече Костадинов.