Ефтимов: Ободниот канал си ја заврши функцијата и го спречи поплавувањето во долниот дел на градот
По вчерашното невреме кое што ја зафати општина Струмица, а по кое веднаш интервенираа екипи на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ и Територијалната професионална противпожарна единица, состојбата е нормализирана и под контрола. Стојан Ефтимов раководител на единицата „Водовод и канализација“ при ЈПКД „Комуналец“, денеска, информираше дека веднаш по силниот дожд екипите на претпријатието излегоа на терен да ја видат состојбата и да интервенираат каде што имало потреба од тоа. Според него иако станува збор за обилни врнежи од дожд, канализациониот систем во градот нормално функционираше.
-Канализациониот систем во градот Струмица е поделен на фекален и атмосферски, во таков случај и при такви обилни врнежи доаѓа до мешање на фекалните и атмосферските води кои предизвикаа проблеми кај одреден број на граѓани во долниот дел од градот, но за брзо време по престанувањето на дождот водата се повлече од долниот дел на градот, а тоа ни дава сигурност дека канализациониот систем е целосно во функција. При такви големи врнежи, голема помош за канализационите системи во градот се и завршените одводни канали кои што доаѓаат од сливните подрачја надвор од градот. Знаете дека се изгради и ободниот канал кој што навистина носеше огромен материјал и води кои што се сливаа посебно на улиците „Младинска“, „Максим Горки“ и „Ристо Ќурчиев“. Вчера обилните води беа спречени уште во повисокиот дел, значи ободниот канал во целост си ја заврши функцијата за која што беше наменет. Тоа нас ни дава една сигурност и за понатаму и дека со редовно одржување на ободниот канал, на канализациониот систем и со редовно чистење на каналот „Крушевска Република“, овој дел на градот ќе биде сигурен и при вакви обилни врнежи, рече Ефтимов. Тој додаде дека вчера во попладневните часови и денеска, екипите на „Комуналец“ имале вкупно 30 интервенции.
Бранко Горѓиев, раководител на единицата „Чистота“ информираше дека екипите на „Комуналец“ и денеска се излезени на терен и работат.
-Само еден податок за граѓаните на општина Струмица, на толкаво големо количество на дожд наврнат во нашиот град, денеска ги поминавме сите улици и можам да кажам дека улиците се беспрекорно чисти, не е како во изминатите години да има наноси од песок и кал, после дождот беа собрани вкупно само 8 метри кубни наноси и тоа не од горниот дел на градот, туку од домаќинствата кои имаа извадено градежен материјал. Што значи од горниот дел на градот овој пат немаше никакви наноси од последните врнежи од дожд, рече Горѓиев.
Изградбата на ободниот канал иако беше обврска на државата, таа тоа не го направи, поради што граѓаните во долниот дел на градот трпеа големи штети. Кога државата крена раце од него, поранешниот градоначалник на општина Струмица, Зоран Заев, кој во сите три мандати работеше за и со граѓаните, одлучи неговата изградба да ја заврши со средства од општинскиот буџет. Вчерашните обилни дождови потврдија дека поранешниот градоначалник Заев, реализирал проект кој им обезбедува спокој на граѓаните за долги години.
Инаку, во санирањето на последиците од вчерашното невреме се вклучи и Територијалната професионална противпожарна единица. Според Мијалче Крстев, командир на единицата, тие имале 20 интервенции и тоа во дворни места.