Со свечена академија беше одбележан 24 мај – Денот на Сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј
По повод утрешниот голем празник 24 мај – Денот на Сесловенските просветители, солунските браќа Свети Кирил и Методиј, вечерва, во големата сала на домот на АРМ се одржа свечена академија. Во чест на просветителите беше изведена богата програма, а за нивното дело зборуваше вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.
-Делото на Светите Кирил и Методиј не задолжи да бидеме секогаш на висината на задачата, да го чуваме и негуваме нашето писмо, како едно од нашите најголеми богатства, врз кое ги надградуваме сите вредности кои не красат и ни го покажуваат патот кон иднината. Тие вредности и знаења, должни сме да им ги пренесуваме на нашите наследници, за и тие да продолжат по патот по кој чекореле, генерации и генерации Македонци, но и сите оние кои гордо ги носат во себе словенските корени.
Тоа особено се однесува на Вас – наставниците кои несебично ги пренесувате плодовите од семето Кирилометодиевско и од семето на нивните верни ученици. Вие ја имате таа чест, задоволство и привилегија да бидете најцврстиот мост во општеството, по кој чекорат децата, кон својата конечна цел, да станат луѓе на место, луѓе со реноме, луѓе за почит. Темелите на тој мост ги поставиле токму Сесловенските просветители Кирил и Методиј, Светите браќа кои неслучајно се прогласени за покровители на Европа. Токму затоа, мора да знаеме дека утрешниот празник не е обичен празник, туку голем ден кон кој треба да се однесуваме со должна почит и благодарност, ден кој навлегува во најчувствителните корени на нашето постоење, ден кој го глорифицира најсензитивниот и најзначаен сегмент на нашиот идентитет. Од денешен аспект гледано, држи вода прашањето кое може сите да си го поставиме, а гласи – „Кои ќе бевме денес и во која фаза на развој ќе ја теравме нашата живеачка, да не беа Сесловенските просветители кои ни всадија убав нишан во нашиот генетски код“? На тој начин Светите браќа Кирил и Методиј, им ги просветлиле душите на сите луѓе од Словенски род и ги избавиле од дотогашната духовна темница во која живееле и од сознанијата кои ги носеле со себе. Со својата азбука, солунските браќа направиле револуционерен потфат, на кој нивните ученици – Св, Климент и Наум, направиле бесценета надградба, која е од исклучително значење за нашата писменост и за писменоста на сите словенски народи. Токму затоа, 24. Мај – Денот на Сесловенските просветители треба со гордост да го празнуваме, но катадневно треба да им бидеме благодарни на нашите праучители, за нивната духовна оставштина, спастрена во нашиот богат духовен ковчег. Нека ни е честит и вековит утрешниот празник и за многу години нека се слават имињата на Светите браќа Кирил и Методиј, рече Костадинов.