9 мај Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
Со свечена и богата програма која што денеска се одржа во големата сала во домот, во организација на библиотеката „Благој Јанков Мучето“, ЕУ инфо точка, а со поддршка на општина Струмица, беше одбележан 9 мај Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. За значењето на овој ден зборуваше вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.
-Оваа наша Струмица која низ годините наназад докажа дека е на страната на европските вредности, оваа наша Струмица во чиј центар се веат знамињата на земјите – членки на Европската Унија, оваа наша Струмица која прекугранично соработува со две земји од големото европско семејство, оваа наша Струмица и денес го слави 9. Мај – Денот на Европа, чувствувајќи го за свој ден. Одбележувајќи го овој ден, како и низа години наназад, така и овој пат, ред е да се послужиме со неговата историографија. Во таа 1950 година, кога Европа се уште не ги беше заборавила стравовите и ужасите од војната и не до крај ги расчисти урнатините од таа војна, беше цврсто решена да сврти нова страница во својот развој. Па така, само пет години од победата над фашизмот , на денешен ден пред 67 години, Роберт Шуман го презентираше својот предлог за создавање на обединета Европа. Тој предлог, попознат како „Шуманова декларација“ се смета за почеток на формирањето на денешната Европска Унија. Нашава земја, безмалку две и пол децении од својата самостојност го сонува европскиот сон со тенденции да стане дел од големото европско семејство. Иако Македонија е земја-кандидат за членство во Унијата од декември 2005 година се уште нема добиено датум за почеток на преговори со ЕУ и покрај препораките од Европската комисија. За жал, грчките условувања за решавање на спорот со името но и бројните наши внатрешни проблеми, грешки, кризи и разни недоследности, се уште претставуваат пречка тој сон да стане јаве. Повеќе од сигурно е, дека треба да бидеме мудри, упорни и истрајни и сите грешки од минатото да ги ползуваме како поука во идното наше дејствување, а во правец на евроинтегрирање на нашава земја, па ако нешто заслужуваме, тоа сигурно и ќе го добиеме. Ако Македонија секогаш била на вистинската страна тогаш нека биде и понатаму на страната на прогресивна Европа во која има место само за оние кои ги почитуваат современите востановени вредности. Да продолжиме да го сонуваме нашиот заеднички сон, а јавето нека биде наша заедничка домашна работа и крајна цел, рече Костадинов.