ДРАГАН ЈОВАНОВ-ФИТОТЕРАПЕВТ-Употреба на Глуварчето (Тaraxacum officinale) во Фитомедицината

Повеќегодишно тревесто растение. Корените се вретеновидни, месести, со тенки разграноци. Стеблата се едногодишни, високи до 30 см и кога ке се прекинат се лачи млечен сок од кој потекнува и лековитоста. Листовите се собрани во розета при основата. Цветовите се златникаво-жолти, само јазичести, собрани во соцветија.

Плодовите се вретеновидни, со црвено кафеави семки во многу редови и прикачени за плодот со долга рачка. Најмногу цвета во април-јуни и плод раѓа во истиот период, но примероци во цвет можат да се сретнат преку целиот период на вегетацијата. Се размножува со семе. Зрелите плодосемки ги расејуваат ветерот и животните. Еднократна берба не треба да надминува 70 % од целата популација. Повторна берба се препорачува после 2 години.

Широко е распострането во Република Македонија. Расте по тревни места, ливади, полиња, паркови и градини. Достигнува до 2500 м.н.в. Од глуварчето се користи коренот и надземниот дел. Коренот се откопува и се собира од месец август до месец септември, најдобриот период е сепак месец септември иако во некој земји се откопува во месец април и мај. Коренот треба добро да се исчисти и измие, се сече на ситни парчиња и се суши во сушара на температура под 40 степени. Собирањето на глуварчето мора да биде на чисти предели. Листот може да се набере и свеж и да го искористите за подготовка на салати, разни супи и други јадења. Во пролет е најлековит. Во фитомедицината глуварчето се употребува како средство за подобрување на апетитот. Го подобрува варењето на храната и е добар лек за пациенти кои имаат проблем со желудникот и цревата. Глуварчето е добар пријател на црниот дроб, го зголемува лачењето на жолчни киселини и ја подобрува неговата функција. Се користи и за изработка на лекови за лекување на црнодробни заболувања како што е жолтица и воспаление на жолчката. Глуварчето делува и на бубрезите, го зголемува мокрењето се препорачува на пациенти кои имаат хронични проблеми со бубрезите, помага за лекување на воспаление на мочниот меур, делува ефикасно во елеминирањето на песок во бубрезите, а ја прочистува и крвта. Исушен лист се зема 3 пати на ден од 4 до 10 г. Течен екстракт исто трипати по 4 до 10 г. Коренот 3 пати по 2-8 грама. Тинктура 3 пати по една кафена лажичка. Влегува во составот на лекови за лекување на заболувања на црн дроб, стомачни и бубрежни заболувања. Најдобар лек е чајот од корен и од надземен дел на глуварчето. Истражувањата покажуваат дека глуварчето ја подобрува функцијата на џигерот бидејќи ги отстранува токсините и повторно воспоставува хидратација и нивото на електролити во организмот. Сите делови на глуварчето се извор на антиоксиданси кои го спречуваат оштетувањето на клетките предизвикани од делувањето на слободните радикали. На тој начин доаѓа до забавувањето на процесот на стареењето на клетките. Многубројните истражувања покажале дека глуварчето делува против ракот и тоа така што го забавува растењето на канцерогените клетки и го спречува нивното ширење. Листовите на глуварчето посебно се богати со антиоксиданси и фитонутриенти кои се успешни во војната против ракот. Најновите истражувања покажале дека ова прекрасна билка го намалува и држи под контрола нивото на лошиот (ЛДЛ) холестерол. Глуварчето содржи есенцијалните масни киселини и фитонутриенти кои ги намалуваат воспалителните процеси во целиот организам. Исто така глуварчето ги подобрува функциите на имунолошкиот систем и е делотворен во војната против бактерии и габи. Биохемичарите од канадскиот Универзитет Виндзор почналеда ги истражуваат антиканцерогените својства на глуварчето. Истражувањето е започнато откако лекарите забележaле дека неколку пациенти биле многу подобри откако пиеле чај од глуварче. Истражувачите, биохемичарот Сијарам Пандеј и онкологот др. Керолајн Хем, почнале да ги изложуваат примероците на крв со леукемија на екстрактот од корен од глуварче. Она што на свое изненадување го забележале било дека ќелиите на леукемија умирале ( со механизмот на апопотеза или , ќелијско самоубиство,) Она што исто така е исклучително важно е дека нормалните ќелии од тој третман немале никаква штета, што не е случај со лековите кои се употребуваат за хемотерапија, кои убиваат голем број на нормални ќелии. Потoа го повториле експериментот и со ќелиите на другите видови на рак во лабораторијата, и резултатот бил ист. Затоа добиле сретства за да го продолжат истражувањето.

Напомена:
Случајот кој го покренал ова истражување бил следниов. Седумдесет и двегодишниот пациент Џон ди Карло кој е примен на клиниката кај др Керолајн Хем на вообичаено лечење на леукемија со агресивни третмани. Третманите не успеале и затоа е отпуштен да умре дома.Некој му препорачал да проба чај од глуварче и за неколку месеци веќе немало ни трага од леукемијата. На клиниката потврдиле дека неговата леукемија е излечена.

Претпазливост: Нема токсично дејство, но треба да внимаваат пациенти кои имаат низок крвен притисок, бидејќи го зголемува мокрењето и може да се намали притисокот. Бремените жени и жените кои дојдат слободно можат да го користат.
Свежи листови од глуварче го прочистуваат дебелото црево од полипи

Покрај тоа што е исклучително убаво, жолтото глуварче е многу корисно, бидејќи го прочистува дебелото црево од толку опасните полипи.
Пролет е и надвор во природата се раѓа нов живот. Тревата е свежа, а меѓу неа симпатични жолти бои го покажуваат убавото глуварче. Покрај тоа што е убаво ова растение носи и ексклузивни бенефиции за човековото здравје.
Свежи листови од глуварче можат да ги исчистат опасните полипи во дебелото црево. За да го спречите овој здравствен проблем, поточно полипите, да прераснат во пострашна болест, можете сами да си помогнете со овој народен лек.
За да ја приготвите потребната мешавина ви се потребни околу 50 грама свежи свежи листови од жолтото глуварче.
Потоа измијте ги и измелете ги во машинка, по можност да не е метална.
Кога се добие каша, додадете околу 0,500 мл зовриена вода, со температура блиска до телесната. Не смеете да ја надминете дозата, бидејќи глуварчето е доста силна билка.
Оставете ги листовите од глуварче да се потопат во вода најмалку 30 минути. Прецадете и така добиената смеса ќе биде користена за клизма, се препорачува пред исцелителната клизма да си направите прочистувачка клизма.
Меѓу двете процедури оставете барем два часа, за да можете да го фрлите наталожениот измет и да се смири дебелото црево.
Откако минат овие два часа, направете си исцелителна клизма, така што ќе се обидете да ја задржите смесата од свежите листови на глуварче барем за 30-тина минути.
За да го постигнете саканиот ефект е потребно да ја повторите оваа лековита постапка преку ден. Така по 10 дена и пет процедури ќе можете да си направите медицински истражувања и сами ќе се уверите во здравствените придобивки на свежите листови на убавото глуварче.

ДОМАШЕН СИРУП ОД ГЛУВАРЧЕ
Едноставен сируп за пролетна генералка на телото и појак имун систем…

• 4 шаки цветови од глуварче
• 1 кг кафеав шеќер
• 1.5 литри вода
• сок од 2 лимони

Подготовка
1. Цветовите се одделуваат од дршките, се ставаат во сад со вода и се доведуваат до вриење околу 10-15 минути.
2. Сварените глуварчиња убаво се процедуваат низ чиста газа, а за да извадите максимум чај можете прво да ги изблендирате па да ги прецедите, исто преку газа.
3. Во процедената течност се става шеќерот и се врие до густина на сируп, а на крај кога ќе се подолади се додава сокот од двата лимони.
Се чува во стаклено шише и се употребува по една лажичка наутро и навечер. За оптимален ефект треба да се употребува во период од 3-4 недели. Се препорачува за прочистување на организмот од токсини и за зајакнување на имунитетот.
ДРАГАН ЈОВАНОВ-ФИТОТЕРАПЕВТ

Напишете коментар