„МАГИЈАТА НА АТАФУ’ прв роман на талентираната струмичанка Спасова Марија
„МАГИЈАТА НА АТАФУ’ прв роман на талентираната струмичанка Спасова Марија
Романот „Магијата на Атафу“ е првенче на младата талентирана авторка од Струмица – Спасова Марија. Напишан е на 115 страници, поделен на 13 глави. Според темат која што ја обработува би можел да се класифицира во жанрот на љубовен и авантуристички романи.
Лејла Нeр е тинејџерка од Даблин која го бара максимумот од животот. Без размислување тргнува во тримесечна авантура на далечниот остров Атафу, каде треба да работи како куќна помошничка во богатиот замок Луиза. Со првиот направен чекор на живописниот остров, монотониот живот на младата дама добива нова насока. Синооката Англичанка со својот шармантен акцент и убавина ја добива наклонетоста на повеќе припадници од посилниот пол, но најсуровата битка за нејзино освојување ќе ја одиграат синовите на господин Карло Ипфел. Нејзината безвременска убавина не е единственото нешто по што ќе биде запомнета. Нејзиното присуство во средновековниот замок предизвикува необјасливи промени и појави oд кои ќе бидат засегнати сите. Во темелите на замокот е длабоко вкопана стара тајна, која после многу години, бунтовно се бори да исплива на површината. Критичноста и сомнежите на Лејла околу забраната за качување на третиот кат беа оправдани, но дали тоа таа навреме ќе го сфати?
Марија Спасова е родена на 4 октомври 1999 година во Струмица. Основно образование стекнува во ОOУ „Маршал Тито“ . Своето образование го продолжува како ученик во здравствената струка во СОУУД „Димитар Влахов“- Струмица. Започнува да твори уште од својата 12-та година а како активен член на Домот за деца и млади „Благој Мучето“- Струмица станува познатa меѓу луѓето како водител на сите јавни настани за одбележување на значајни историски датуми во градот и околината. Активен член е на повеќе организации и има земено учество во повеќе меѓународни проекти и обуки. Учествувајќи на повеќе државни натпревари и литературни конкурси има стекнато многу признанија, дипломи и пофалници.Романот „Магијата на Атафу“ е нејзино прво литературно остварување, се надеваме не и последно. Промоцијата ќе се оддржи на 28 март со почеток во 18:00 часот во просториите на Дом на Арм – Струмица.