Општина Струмица ќе учествува во проектот „Креираме заедно“
Општина Струмица преку општинските основни училишта ќе учествува во реализацијата на проектот „Креираме заедно“. Овој проект има за цел да се промовира инклузијата на децата со посебни потреби и да се намалат стереотипите за можностите на тие деца кои произлегуваат од најблиската средина во која секојдневно живеат и учат. Акцентот на проектот е ставен на себеизразување преку неколку аудио-визуелни методи, односно преку фотографски и видео работилници учениците да може да проговорат за своето секојдневие и да го одбележат тоа на соодветен начин.
Обуките ќе ги изведуваат обучени експерти за права на децата и професионалци во својата област: Ване Костуранов, ликовен уметник, работилница за изработка на постер, Јане Алтипармаков, режисер, работилница за кратки видео клипови и Наташа Гелева, фотограф, работилница за фотографија.
Овој проект општина Струмица го реализира во рамките на соработката со невладината организација Сината птица, која работи како здружение за помош и поддршка на деца и млади со различности.
Проектот ќе трае три месеци, а промоцијата на изработените дела ќе се одржи во рамките на Детската програма на Скопскиот филмски фестивал и посебно во Струмица кон крајот на месец април.