Манчев: Ќе се гради експресен пат Радовиш-Штип и ќе се реконструира патот Радовиш-Струмица
На последните предвремени парламентарни избори народот достоинствено гласаше и мора да се почитува суверенитетот на гласачите во носењето на изборната демократска победа на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Ванковер Манчев претседател на ОК-ВМРО-ДПМНЕ, Струмица.
-Реформите што ги започна партијата, а кои водат кон подобрување на секаков план мораат да продолжат, а во преден план се интересите на граѓаните на нашата заедничка држава Република Македонија. Нам ни се потребни мерки за континуиран економски развој, повисок развој, плати, пензии, субвенции и повеќе можности и нови работни места. Овој пост изборен период треба да се надмине со формирање на Влада предводена од партијата која освои најмногу гласови и да продолжат реформите во сите области. Да вложиме напори кон реализирање на ветувањата од програмата и од кампањата, ние сме подготвени за тоа со одговорен пристап и одржување на дадениот збор, со направена визија и помош од Бога, вели Манчев.
Тој вели и дека само така Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со својата програма вети зголемување на платите во јавниот сектор за вкупно 10,25 проценти, зголемување на пензиите од 25 проценти, зголемување на социјалната помош од најмалку 50 проценти , а со ова ќе се придонесе и до зголемување на платите во приватниот сектор.
-Предвидено е и зголемување на минималната плата на 14.000 денари, а ВМРО-ДПМНЕ со својата програма вети и реконструкција на стариот пат Радовиш-Струмица, до селата Воиславци и Калугерица во вредност од 50 милиони евра. Исто така и изградба на нов експресен пат Радовиш-Штип со должина од 38 километри во четири ленти во проценета вредност од вкупно 64 милиони евра со што ќе се модернизираат условите за патување и побрзо стигнување до посакуваните места. Исто така е предвидено и реконструкција на регионалниот пат Струмица-Ново село преку програмата за одржување на државни патишта, потенцираше Манчев.