Детскиот хор на Струмичката Епархија ја изведе божиќната песна „Вечниот бог“
Вчера во општина Струмица, членовите на детскиот хор при Струмичката Епархија ја изведоа божиќната песна „Вечниот бог“, а по повод големиот христијански празник – Божик. Според заменик градоначалникот Костадин Костадинов, овој денешен чин е резултат на прифатената иницијатива на струмичкиот митрополит г. Наум од страна на општина Струмица.
-Денеска сме сведоци на еден настан, кој што патем е и новитет во Струмица, а е во функција на правилно одбележување на денот на христовото раѓање – Божик и на деновите кои што му претходат на овој голем христијански празник. Ширум отворените врати на општина Струмица за дечињата кои ја пееја божиќната песна „Вечниот бог“ е всушност резултат на прифатената иницијатива на неговото Високо преосвештенство, струмичкиот митрополит г. Наум и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, струмичка епархија. Се надевам дека денешниот чин ќе наиде на добар прием кај христијанските верници и воопшто кај граѓаните на општина Струмица, рече Костадинов.
Според отец Јаков, целта на оваа иницијатива е востановување на вистинското православно предание, а Општината е установа која што го претставува и градот и луѓето кои што живеат во него и е вистинско место да се покаже пример со кој се постапува во духот на православното предание.
-Согласно нашата православна традиција, многу деца на празникот на Христовото раѓање – Божик ќе ги посетат нашите домови пеејќи песни кои најчесто се со деструктивна содржина во кои што се пее за смрт и уништување и воопшто не се споменува раѓањето Христово ниту се објавува таа радост која што е заедничка за целото човештво. Токму од таа причина е и оваа наша иницијатива за востановување на вистинското православно предание и сакаме да порачаме дека само оние деца, оние коледари кои во предвечерието на празникот на раѓањето Христово ќе чекорат во духот на православното предание, во сите домови во кои ќе стапнат ќе го носат мирот и благословот божји и ќе станат вистински благовестители на раѓањето Христово кое што е спасително за сите нас. Зошто за реализација на оваа наша иницијатива ја одбравме Општината? Всушност денес ќе посетиме две општини во нашата епархија заради тоа што Општината е установа која на некој начин го претставува и градот и луѓето кои што живеат во него и сметаме дека токму ова е вистинското место да го покажеме оној пример како е исправно и како треба да се постапува во духот на православното предание, рече отец Јаков.
Заменик градоначалникот Костадинов на дечињата им подари пригодни божиќни подароци.