ООУ „Гоце Делчев“ домаќин на свечената академија по повод Светскиот ден на учителот
По повод 5-ти Октомври, Светскиот ден на учителот, денес ООУ„Гоце Делчев“ од Василево беше домаќин на свечената акамедија на која, Сојузот на просветни работници на Република Македонија, на најдобрите учители им додели признанија за просветен работник на годината во учебната 2015/2016.
„ Човештвото тежнее кон напредок, а тој напредок не е замислив без грандиозната улога на учителот. 21-от век е предизвик за современиот учител – сите кои сте вклушени во таа област тоа го знаете. Учителот поучувач, воспитувач, само кога работи со љубов прави работата да стане видлива“, рече меѓу друготопрофесор доктор Веселинка Лажовска од Сојузот на просветните работници на Р.Македонија, обраќајќи им се на присутните и честитајќи им го денешниот празник. Присутните ги поздрави и директорката на училиштето домаќин, Емилија Котева и градоначалникот на општина Василево Ванчо Стојанов. „ Свесни дека образованието е онаа сигурна алатка која ни помога да ги отвориме сите врати, почитувани учители, само едно сакам да Ви порачам: Независно од брзиот развој на технологијата, Вие учителите сте оние кои ќе им го пренесат знаењето на своите ученици подготвувајќи ги на тој начин да се справат со сите предизвици што ги носи секојдневието“ им порача Стојанов на учителите.
Признанија за Просветен работник на годината им беа доделени на вкупно шест учители, меѓу кои и на Горица Русева наставник по одделенска настава во с. Ангелци кое е во склоп на ООУ „Гоце Делчев“ од Василево.
„ Работете, успехот сам по себе ќе дојде“ – е пораката што Горица Русева им ја упати на своите колега. За неа наградата како што рече претставува благодарност за досегашната работа и мотив за уште поуспешна работа во иднина.
Признание од Советот на општина Василево за постигнати посебни резултати и успеси доби и Алма Хасанова – професор по спорт и физичко воспитување во училиштето „Гоце Делчев“ во Василево.
По доделувањето на Признанијата свечената академија која започна со изведба на Gaudeamus igitur, продолжи со пригодна културно уметничка програма подготвена од учениците и наставниците од училиштето домаќин.