Потпишан договор за изградба на мост помеѓу с. Бориево и с. Колешино
На 26 Септември 2016 година во просториите на Босилово, со присуство на двајца партнери на проектот, Г-н Блажо Велков, градоначалник на општина Ново Село и Г-н Љупчо Колев, градоначалник на општина Босилово, беше потпишан договор за изградба на мост помеѓу Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и ДГТУ Бауер БГ од Скопје.
Со изградбата на мостот како дел од патот помеѓу с. Бориево и с. Колешино ќе се подбри комуникацијата на жителите од општините Босилово, Ново Село и Струмица, соодветен пристап на граѓаните до своите домови, работни места, училишта и земјоделски површини, ќе се обезбеди побрз и побезбеден транспорт на земјоделските производи.
Центарот за развој на ЈИПР со заедничка иницијатива на 10те општини од регионот изработи „Студија за можности за развој на патната мрежа во Југоисточниот плански регион“. Со оваа Студија се увиде целосната состојба на патната мрежа во регионот и се дадоа насоки за нејзино подобрување. Како резултат на ова, Советот за развој на ЈИПР поддржа низа проекти кои Центарот за развој на ЈИПР заедно со сите општини од регионот ги имплементираат, а кои се стремат во насока на подобрување на целокупната инфаструктура во регионот, но и на подобрување на безбедноста на граѓаните.
Изградбата на мостот е резултат на проектот – „Изработка на техничка документација за изградба на локален пат с. Бориево – с. Колешино во должина од 6,3 км“кој беше финансиран од ПРРР за 2014 година заедно со други проекти со кои беа изработени Технички документации за изградба на повеќе патишта низ регионот.
Сето ова води кон остварување на општата цел на проектот т.е. развој на патната инфраструктура за поврзување на руралните места во општините Босилово, Ново Село и Струмица и подобрување на условите за живот на граѓаните во овој микро регион со што се овозможува поголем економски развој на општините, а воедно и на целиот Југоисточен регион.
Со овој проект ќе се обезбеди модерна инфраструктура изградена во согласност со новите прописи кои постојат во оваа област исто така ќе се обезбеди поголема сигурност за ранливите групи, како и поголема заштита на сите учесници во сообраќајот, вклучително и малцинствата. Мостот може да се користи од страна на сите луѓе: на луѓето со посебни потреби, деца, старци, луѓе кои патат од неизлечиви болести, млади и жени обезбедувајќи полесен, побрз и побезбеден пристап до саканата дестинација.
Иновативноста на овој проект е во тоа што се создава една проектна линија или “project pipeline” со што јасно се гледа поврзаноста на проектите и реализација на мисијата на регионот – Одржлив развој на регионот преку оптимално користење на ресурсите, функционални институции за пристап до услуги, инвестиции, иновативност и конкурентност за подобрување на условите за работа и живот во регионот.