Отворен 24-ти ФКТ „Ристо Шишков“
о претставата „Човекот кој не знаеше да каже НЕ“ во режија на Мартин Кочовски, а во копродукција на НЕТА Мал драмски театар од Битола, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп и ФКТ „Ристо Шишков“, синоќа во НУЦК „Антон Панов“, започна 24-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев, кој во своето обраќање меѓу другото истакна:„Секоја година на 8-ми септември, независноста на државата и независноста на актерот, во овој наш град возљубен во убавите нешта, одат рака под рака. Се случува тоа по заслуга на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ кој опстојувајќи во времето и просторот, го доживува своето 24-то издание. Искрено се надевам дека и овојпат нашиот фестивал ќе стави потпис и печат на тезата дека уметноста нема татковина, а дека културата ги гради најцврстите и најубавите мостови меѓу народите. Од вечерва отпочнува изградбата на уште еден таков мост, а Струмица повторно докажува на дело, дека го има најдоброто тло за такви градби на заедништво и за Гоцевиот „Културен натпревар меѓу народите“.“Инаку, во петте фестивалски денови ќе бидат одиграни 15 претстави од Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Австрија и Македонија, а се застапени и придружни содржини во чест на одбележувањето на 30-годишнината од смртта на Ристо Шишков. Една таква се одржа синоќа. Станува збор за изложбата на фотографии од балетската кариера на Зоица Пуровска Велевска, првата сопруга на Ристо Шишков. Изложбата на која присуствуваа претставници од Општина Струмица, предводени од градоначалникот Зоран Заев, ја отвори театарскиот критичар и новинар, Тодор Кузманов.