Александра утре на Охрид фест со нов летен хит!​

Деновиве, од 22-25 август на сцената на Долни сарај во Охрид се одржува
23-тото издание на интернационалниот фестивал Охрид фест – Охридски
трубадури.​

Утре, 24 август во натпреварувачкиот дел со своја нова поп композиција ќе се
претстави и струмичанката Александра Јанева. „Мило мое најмило“ е насловот
на песната зад која стои победничкиот авторски тим од Макфест во 2013 и 2016
година. Музиката и текстот се на Ристо Самарџиев, а аранжманот на Владимир
Дојчиновски. Александра ќе настапува како последна, реден број 18, но овојпат
со малку поинаков и подинамичен летен звук. Таа ќе ја промовира својата
песна истовремено во девет земји на Балканот, бидејќи фестивалот ќе се
пренесува во Турција, Бугарија, Русија, Србија, Албанија, Хрватска, Црна Гора,
Словенија и во БиХ, а правата за реемитување ги има македонската ТВ 21.​

Дел од поп-вечерта на Охрид фест 2016 ќе бидат и Влатко Илиевски, Џокси,
Ѓоко Таневски, Мартинијан Кириловски, Ѓоко Ѓорчев и други. Најдобрите
изведувачи ќе обезбедат учество на последната, интернационална вечер каде
годинава главни ѕвезди ќе бидат германската група „Boney M“ и Маја
Оџаклиевска.​

Во интернационалната програма покрај македонските пејачи со наградените
песни од поп-вечерта ќе настапат и познати балкански пејачи како што се
Хелена Благне, Анабела, Игор Цукров, Срѓан Марјановиќ и групата „Boney M“.

Напишете коментар