Четврта самостојна изложба на Марјан Ѕин во Струмица
Во понеделник, 01 август 2016 година, со почеток во 20:00 часот во уметничката галерија при НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена четвртата изложба на Марјан Ѕин насловена „Трње“.
Изложбата “Трње“ на Марјан Ѕин нуди едно формално ликовно истражување. Тоа е чисто и концентрирано истражување, кое користи објект заситен со симболика и традиционално значење. Магарешкиот трн го привлекува уметникот со својата строга силуета и елегантност. Тој дава можност за развивање на композициски варијации тргнувајќи од плакатот и дизајнот па стигнувајќи сé до сликарството.
Во исто време, знаковата заситеност на објектот ја поставува целата изложба во една концептуална линија. Изборот на трнот како центар на овој проект го насочува вниманието кон легендарни, традиционални или неоромантистички интерпретации, каде што непријателското цвеќе може да се види како слика на повредата, симбол на надежта или визуализација на двоинствениот карактер на реалноста.
Maрјан Ѕингаров
Роден 1976 г. во Струмица, Р. Македонија.
Дипломира во 2002 г. на НХА Софија, специјалност “Плакат” во класата на проф. Иван Газдов.
Магистрира во 2005 г. на НХА Софија, специјалност “Плакат” во класата на проф. Димитар Тасев.
Има реализирано три самостојни изложби од кои две во Струмица, Р. Македонија и една во Софија, Р. Бугарија. Учесник на повеќе групни изложби во Софија, Струмица, Солун, Женева, Благоевград, Пловдив, Лондон, Њујорк, Рим, Прага.