Општина Струмица и турската општина Шаркој ја потврдија заложбата за воспоставување соработка
На покана на градоначалникот на општина Шаркој, Република Турција, Сулејман Алтинок, тричлена делегација од општина Струмица, предводена од претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, беше во тридневна посета на оваа општина. Целта беше воспоставување и потврдување на заложбите на овие две општини за развој на соработката во сите полиња, како и создавање на можност за нивно идно збратимување.
На истата средба покрај претставници на општина Струмица, присуствуваа и претставници на уште три општини од три држави, општина Бјала од Република Бугарија, општина Валу Луи Траиан од Република Романија и општина Цопцеац од Република Молдавија. Сите пет општини го потпишаа Првиот протокол-Меморандумот за разбирање заради воспоставување на соработка и партнерство на сите нивоа.
Оваа протоколарна средба имаше за цел меѓусебно запознавање со културите, традициите и економскиот развој на сите пет општини од петте држави, а воедно беше и можност за размена на искуства и добри практики кои во иднина ќе придонесуваат за унапредувањето и развојот на секоја од општините поединечно.
Во периодот кој што следува општина Струмица ќе отпочне процедура за збратимување со општина Шаркој од Република Турција.