Општина Струмица изготвува Стратегија за култура
Општина Струмица почна со изготвувањето на Стратегија за култура за периодот 2016 – 2020 година. Во рамките на изготвувањето на Стратегијата, денеска, во конференциската сала на хотелот „Есперанто“ се одржа првата обука „Алатки за партиципативно планирање“ на која учествуваа претставници на Општината, невладините организации од областа на културата и други чинители кои даваат свој придонес во културата во општина Струмица. На обуката се правеа анализи на состојбите и засегнатите страни, а се разговараше и за подготовките и процесот на стратешко планирање во областа на културата.
Изготвувањето на Стратегијата се врши со поддршка на Фондацијата Отворено Општество – Македонија и здружението на граѓани Центар за развој на локалната демократија од Скопје, а во рамките на проектот „Граѓанско учество за локална демократија“ финансиран преку инструмент за претпристапна помош од Европската Унија.
Со изготвувањето на Стратегија за култура, уште еднаш се потврдуваат сериозниот однос и максималната поддршка на градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица кон културата и нејзините носители во општина Струмица.