Денеска е Лазарева Сабота, утре е Цветници
Македонската православна црква денес го прославува Воскресението на Лазар или Лазарева сабота, споменот на последното Христово чудо пред Страдната недела и Воскреснувањето.
Лазаревото воскресение, според евангелијата, се случило во Витанија и всушност е своевиден вовед во новата вера во воскреснувањето.
Според преданијата, Исус стигнал во Витанија, четири дена после смртта на Лазар и го оживеал. Во христијанството овој празник ја означува победата на животот над смртта. Меѓу народот овој празник е познат уште и како Врбица, затоа што во храмовите се носат врбови гранки кои ги симболизираат палмините гранки со кои христијаните го поздравиле Спасителот кога влегувал во Ерусалим.
Православните верници утре го прославуваат Цветници, кој според црковните канони е празник на детската радост, затоа што според евангелијата, Исус, во Ерусалим рекол: „Пуштете ги децата кај мене, затоа што нивно е царството небесно“.