Заменик министерот Костадиновски во Василево
Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Р.Македонија г-дин Ванчо Костадиновски, вчера во Василево, оствари средба со претставниците на откупувачите и претставниците на земјоделските здруженија од оваа општина каде како што изјави заменикот министер се разговарало за актуелната состојба со откупот на зелката.
„ Според информациите кои ги имаме од терен меѓутоа и генерално анализата на пазарот и на регионалните опкружувања на пазарите во Источна и Западна Европа покажува дека она што се бара е по цена која во моментот е пазарна и која што генерално претставува проблем за земјоделците од Струмичкиот регион. Ние како министертство сме тука за да согледаме, да направиме анализа и со откупувачите да видиме до кога ќе биде ова движење и што можеме да помогнеме како Влада. Одговорно тврдам, ќе направиме се што е во наша можност да изнајдеме решение преку она што значи пазар. Веќе имаме договорено средба со оние кои имаат искуство, имаат мрежа на продажба во источна Европа, да видиме што може да се направи во насока на постигнување на некоја подобра цена“, изјави заменикот министер по средбата што ја имаше со претставниците на откупувачите и земјоделските здруженија.
„Сега ќе посетам еден откупен пункт во село Пиперево, да ја согледам состојбата и со земјоделците, да го слушнам и нивноито мислење иако на состанокот во О.Василево имаше присутни и претставници на земјоделските здруженија. Се надевам дека на ваков начин преку разговори, анализи и средби со оние кои имаат знаење, ќе изнајдеме некој начин барем во некоја мера да ја подобриме состојбата со откупот, нагласи заменикот Костадиновски по што замина на средба во Пиперево.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов.