Во вчерашната акција „За чиста струмичка пролет“ подигнати рекордни 406 метри кубни отпад

Во рамките на традиционалната пролетна акција за генерално чистење која се спроведува под мотото „За чиста струмичка пролет“ во текот на вчерашниот ден беа подигнати рекордни 406 метри кубни разновиден отпад. Во третиот ден од акцијата беа вклучени 58 вработени во Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, четири камиони, исто толку трактори и три градежни машини. Според информациите од Бранко Горѓиев, раководител на работната единица „Чистота“, најголем дел од отпадот или 228 метри кубни се подигнати од дивата депонија на улицата „Антон Панов“, од дивата депонија на улицата „Климент Охридски“ подигнати се 90 метри кубни, по пријави од граѓаните подигнат се 88 метри кубни отпад од домаќинствата. Отпадот целосно беше подигнат и од дивата депонија на влезот во Струмица од кај реката Тркања, се работеше и на депонијата кон населеното место Баница, но поради големите количини отпад, таму чистењето ќе продолжи и во наредните денови.
Акцијата „За чиста струмичка пролет“ оваа недела нема да се реализира поради големиот христијански празник Велигден, а ќе продолжи на 23 април со чистењето на пороите на улиците „Крушевска Република“ и „Васил Главинов“.

Напишете коментар