Во прва година во трите средни училишта ќе можат да се запишат 1.248 ученици

downloadСпоред објавениот конкурс за запишување на ученици за новата учебна 2015/2016 година, во прва година во трите средни општински училишта во општина Струмица ќе се запишат вкупно 1.248 ученици.

Во средното општинско училиште „Димитар Влахов“ ќе се запишат 374 ученици во 11 паралелки според наставните планови и програми за: земјоделско – ветеринарна струка – 170 ученици во 5 паралелки, хемиско – технолошка струка 102 ученика во 3 паралелки и исто толку ќе можат да се запишат во здравствената струка.

Во прва година во средното општинско училиште „Никола Карев“ ќе се запишат 500 ученици во 15 паралелки со настава на македонски јазик според наставните планови и програми за: Машинска струка – 136 ученици во 4 паралелки, текстилно – кожарска струка 34 ученици, исто толку и во уметничко образование, во електротехничката струка – 126 ученици во 4 паралелки, во сообраќајната струка ќе се запишат 68 ученици и по 34 во шумарско – дрвопреработувачката струка и во градежно – геодетската струка и 34 ученици ќе можат да се запишат во новата геолошко – рударска и металуршка струка.

Во средното општинско училиште „Јане Сандански“ во прва година ќе се запишат вкупно 374 ученици во 11 паралелки и тоа 238 во гимназиското образование и 136 во економско – правна и трговска струка.

Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во два уписни рока, јунски и августовски, со две пријавувања во јунскиот и едно пријавување во августовскиот рок. Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот уписен рок се врши на 22 и 23 јуни 2015 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 24 јуни 2015 година.

Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 25 јуни 2015 година, а резултатите ќе се објават на 26 јуни 2015 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште. Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 29 и 30 јуни 2015 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 1 јули 2015 година. Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок се врши на 24 август 2015 година, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 25 август 2015 година. Училиштата кои во двата уписни рока не ги потполниле утврдените ученички места за запишување со конкурсот продолжуваат со запишување на учениците до 27 август 2015 година.

При пријавувањето, учениците треба да ги поднесат следните документи: пријава за запишување (пријавата за запишување ученикот ја подигнува од училиштето во кое ученикот сака да се запише и истата е бесплатна), оригинални свидетелства од VI до IX одделение и извод од матичната книга на родените (без оглед на датумот на издавањето).

Напишете коментар