Струмица со победа над Пелистер

Струмица во интересен натпревар славеше над екипата на Пелистер со минимални 66-64, реванширајќи им се на битолчани за поразот во првиот круг од натпреварувањето. Двата тима беа елиминирани од Купот на Македонија и ќе бидат дел од плејаут натпреварувањето во првенството, па не е изненадување што мечот мина во израмнета игра и битка се до самиот финиш.

„Пелистерци“ беа подобар ривал во првото полувреме, заминувајќи ја предност со минимални 29-31, за струмичани во третата четвртина да заиграат подобро и да воспостават контрола над резултатот. Домаќините на пет минути до крајот имаа одлични 11 поени позитива (58-47), но битолчани не само што не се предадоа, туку и успеаја да поведат со поените на Захариевски со минимални 63-64. Јокиќ беше херојот на Струмица на овој натпревар, постигнувајќи тројка на 16 секунди до крајот, по што Стефановски го блокираше обидот на Фил за радост на домашниот тим.

Јокиќ со 18 и Богоев со 15 поени беа најефикасни кај Струмица, додека најдобри стрелци на Пелистер при новиот пораз на битолчани беа Анакиевски со 19 и Фил со 17 постигнати поени.