Струмица и Стара Пазова потпишаа Меморандум за Соработка

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и претседателот на општина Стара Пазова, Република Србија, Џорџе Радиновиќ, денеска потпишаа Меморандум за меѓусебно разбирање и соработка. Со тоа е воспоставена официјална меѓусебна соработка меѓу двете општини со која тие ќе го развиваат заедничкото партнерство, ќе соработуваат и разменуваат искуства во областа на образованието, науката, културата, стопанството, спортот, но и во другите области за кои ќе се појави заеднички интерес или потреба.
На потпишувањето на Меморандумот во кабинетот на градоначалникот Заев, присуствуваа и претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, Катерина Кузмановска, член на истиот, Кирил Парталов секретар на општината и Никола Годев раководител на Секторот за локален економски развој, а претседателот Радиновиќ, беше придружуван од директорот на Дирекцијата за изградба на општина Стара Пазова и неговиот заменик.
Градоначалникот Заев и посака срдечно добредојде на делегацијата од Стара Пазова и ја запозна со карактеристиките на општина Струмица, а претседателот на Стара Пазова, Џорџе Радиновиќ, се заблагодари за приемот и истакна дека ја одбрале Струмица за соработка, затоа што таа е најразвиената општина во Република Македонија.
Според градоначалникот Заев со потпишувањето на Меморандумот се отвора нова можност за граѓаните на Струмица и на Стара Пазова.
-Се работи за општина која важи за една од поразвиените во Србија, од која општина Струмица може многу да научи, посебно во делот на привлекувањето на странските инвестиции, но и во сите области се отвораат нови можности за соработка и во спортот, културата, образованието, земјоделството и економијата. Денеска со нас е претседателот на општината и неговите соработници и покрај овој свечен чин на воспоставувањето на соработката ќе можеме заедно да ја проследиме втората музичка вечер на „Струмица опен фест“, а се надеваме дека по ова и општествените институции и приватниот сектор ќе воспостават соработка, посебно во делот на трговијата, ја отвораме нашата Струмица и веруваме во нови перспективи за граѓаните на двете општини, рече градоначалникот Заев.
И за претседателот на Стара Пазова, Џорџе Радиновиќ, воспоставувањето на соработката е од големо значење за двете општини.
-Исто како и мојот пријател и јас сум задоволен и среќен што сум во Струмица, бидејќи како два братски и пријателски народи треба да соработуваме. Иако сме на почетокот и сме меѓу првите градови и општини кои се одлучуваат на еден ваков чекор, сепак тоа е многу значајно за двете општини и за граѓаните на Стара Пазова и Струмица. Стара Пазова е стопански развиена општина и сигурно стопанствениците од двете општини ќе го најдат заедничкиот интерес за соработка. Ние на тоа ќе работиме, како и на унапредување на соработката во спортот и културата, што е исто така многу значајно за нашите два народа кои, како што би рекол, се блиски и братски. Се надевам дека во иднина почесто ќе се гледаме. Многу сме среќни што сме тука во овие фестивалски денови во Струмица и се надевам дека ќе видиме убави настани и ќе се запознаеме со убавините на градот. Ќе ги поканиме нашите пријатели во возвратна посета и се надевам дека таа наскоро ќе се случи, со што и тие ќе имаат можност да се запознаат со нашата општина, рече Радиновиќ.
Стара Пазова има 80 илјади жители и со четири илјади приватни компании и 100 странски компании е најразавиената земјоделска општина во Република Србија која има стапка на невработеност од 5,36 проценти. Посебен придонес во нејзиниот економски развој има и нејзината местополжба, се наоѓа меѓу два автопата Белград – Будимпешта и Белград – Загреб. Посебен развој оваа општина доживува во последните десет години.

Напишете коментар