Прва награда за најиновативен проект за Центарот за развој на Југоисточниот плански регион

На настанот за доделувањето на награди за „Најиновативен проект 2009/2014″ кој се одржа на 16.11.2015 година во Скопје, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ја освои првата награда за најиновативен проект за регионален развој и доби парична награда од 110.000 денари. Се работи за проектот „Ревитализација на дел од крајбрежјето на Дојранско езеро – Стар Дојран” кој е еден од првите проекти на Центарот.

Оваа година право за учество имаа преку 300 проекти, кои беа реализирани преку Програмата за рамномерен регионален развој во период од 2009-2014. Секој од осумте регионални центри на планските региони аплицираше со два проекта, а три најиновативни проекти добија награди, во вид на финансиска поддршка, којашто е обезбедена од буџетот на Министерството за локална самоуправа, Германското друштво за меѓународна соработка и Швајцарската Агенција за соработка и развој.DSC 0054

Наградите за првите три најдобри проекти ги врачи Државниот секретар за локална самоуправа, Билјана Цветановска Гугоска.

Свое обраќање имаше и Раководителот на Центарот за развој на ЈИПР, Г-а Жулиета Ѓуркова, која го истакна значењето на самиот проект т.е. дека ревитализацијата на Дојранското крајбрежје придонесе за подобрување на квалитетот на животот не само на граѓаните на општина Дојран туку и на сите жители на Југоисточниот регион, исто така дека овој проект беше основа за зголемувањето на бројот на туристи, а со тоа и за раст на економскиот развој особено на стопанските гранки кои се директно или индиректно поврзани со туризмот.

Министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани, истакна дека покрај идејата и знаењето, средставата се најважен услов за реализација на добри проекти и токму затоа се инсистира на иновативност, зошто покрај буџетската поддршка, намера на Министерството е проектите за регионален развој главната финансиска поддршка да ја добијат од ИПА фондовите на Европската Унија.

Втората награда во вредност од 90.000 денари ја освои Центарот за развој на вардарскиот плански регион за проектот „Модернизација на предучилишно образование во општините од вардарски плански регион со програми за правилен психо-физички развој”, а третата награда во вредност од 80.000 денари, ја доби Центарот за развој на Северо-источниот плански регион за проектот „Изградба на регионално туристичко биро со дополнителни активности за уредување на излетнички места и зголемување на туристички капацитети”.

Напишете коментар