Проектна активност во мешан етнички состав во ООУ „Маршал Тито“ од Муртино

Секцијата за природни науки при основното општинско училиште „Маршал Тито“ од Муртино реализираше уште една од редот на планирани проектни активности. Ученици во мешан етнички состав од осмите и деветтите одделенија, организирани во четири групи, преку наставна тема за хетерогени и хомогени смеси, практично ги потврдија своите теоретски предзнаења за познавањето на хемиските елементи и соединенија, нивното мешање и начините за одделување на состојки од смеса. Учениците наизменично на македонски и на турски јазик ги објаснуваа процесите, називите на хемиските елементи и соединенија и практично со соодветен прибор извршија одделување на солта, кредата и песокот од нивните смеси.
Целта во научна смисла беше постигната, а учениците во меѓусебна соработка, комуникација и дружење, под раководство на наставникот Соња Бучковска, ги споија другарството, тимската работа, самодовербата и различноста како богатство и темел на нивниот детски развој.
На презентацијата присуствуваа директорот, стручните соработници, заинтересирани наставници и претставници од општинската администрација.
Оваа активност се реализира преку Проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, имплементиран од страна на Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), а финансиски поддржан од страна на Детската фондација Песталоци и општина Струмица како партнер во овој проект.

Напишете коментар