Потпишан договорот за изградба на патот Муртино-Еднокуќево

Градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев и директорот на Бирото за регионален развој Џемаил Ељмази, денес во просториите на Бирото во Скопје, го ставија својот потпис на Договорот за реализација на проектот „Изградба на локален пат с.Муртино – с.Еднокуќево“. Овој потпишан документ е резултат на апликацијата на Општина Струмица до Бирото за регионален развој, во Програмата за рамномерен регионален развој, мерка – „Развивање на модерна и современа инфраструктура во планските региони„. Вкупната сума за реализација на првата фаза од овој проект изнесува 1.288.000 денари, од кои 644.000 денари или 50% ги обезбедува Општина Струмица како носител на проектот, и исто толку од Бирото за регионален развој.
Во наредниот период Општина Струмица ќе ги преземе сите неопходни активности за реализација на проектот, исполнувајќи ги обврските утврдени со Законот за рамномерен регионален развој, во кои спаѓа и обврската за отпочнување на постапката за доделување договор за јавна набавка.
Изградбата на локалниот пат од Муртино до Еднокуќево ќе биде од исклучителна важност за граѓаните од овие две населени места, како и за граѓаните од цела општина Струмица и струмичкиот регион.

Напишете коментар