Општина Струмица ја одбележа 113-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев

Општина Струмица, денеска, ја одбележа 113-годишнината од загинувањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Одбележувањето се одржа пред споменикот на Делчев на истоимениот плоштад, каде со полагање свежо цвеќе почит му оддадоа претставници на Советот на општина Струмица, Општинскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ, политички партии, јавни институции и здруженија на граѓани. За животот и делото на Гоце Делчев зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.
„Помина еден век, една деценија и три години, од еден од најтажните настани од македонскиот времеплов, во кој мајката Македонија се збогуваше со својот најкадарен син. Историјата на Македонија памети и ги спаструва од заборавот сите оние кои со својот патриотизам, непокор и борба за слободарско изгрејсонце, оставиле неизбришлива трага од многувековниот опстој на нашата родна грутка и за иднината на сите граѓани кои во своето битие го носат македонскиот код. Во плејадата од тие големи имиња и презимиња со кои се гордееме сите, секако, централното место на пиедесталот е резервирано за големиот македонски син, најмаркантната фигура во борбената епопеја на македонскиот народ за ослободување од османлискиот јарем – Гоце Делчев. Македонија и Гоце Делчев се две нераскинливи нишки кои совршено се надополнуваат. Едноставно, не може да се зборува за Македонија без да се спомене името на Гоце Делчев, како што неможе да се зборува за Гоце Делчев без да се изговори името на нашата татковина – Македонија. За овој наш јунак над јунаците, за човекот чиј краток, но содржаен животен времеплов од Кукуш до Баница беше во знакот на љубовта кон татковината, може да се зборува со денови, и пак да биде малку за да се каже се. И покрај тоа што од зловесниот 4. мај 1903 година изминаа 113 години, длабоко сум убеден дека во срцето на секој од нас е вгнездена длабока тага и безмерната жал за прераната смрт на еден од најголемите великани на македонското револуционерно дело за ослободување од многувековното турско ропство, Гоце Делчев. Таа ненадоместлива празнина ја чувствуваме не како 113 годишна далечина, туку како вчерашна и денешна неизлечива болка, и уште повеќе како судбинска загуба на брилијантниот предводник на Македонија и македонскиот народ низ премрежјата и остварувањето на вековниот сон за создавање на своја сопствена, самостојна и суверена татковина“, рече Христов.
Во чест на Гоце Делчев, рецитатори од домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.

Напишете коментар