Одржана јавна презентација на Каталогот на реализирани проекти 2009-2017 финансирани од БРР-МЛС

29.09.2017 година – Центарот за развој на Југоисточниот плански регион организираше јавна презентација на Каталогот на реализирани проекти 2009-2017, имплементирани во партнерство со општините од Југоисточниот плански регион, а финансирани од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.
Целта на овој настан беше да се направи промоција на проектите кои се реализирани во периодот од 2009 до 2017 година по првата компонента од Програмата – развој на регионите, а истите се насочени кон подобрување на инфраструктурата во регионот, развој на туризмот, искористување на обновливите извори на енергија, заштита на животната средина, како и кон унапредување на претприемништвото и конкурентските предности на малите и средни претпријатија во регионот.
Каталогот овозможува увид во проектите имплементирани во дадениот период, со што преку краток опис и општи податоци, пошироката јавност ќе има можност да се информира за активностите кои се реализирани во рамките на секој проект и за тоа на кој начин секој од нив придонесува кон зголемување на регионалниот развој.
Проектите се подготвени и имплементирани заедно со општините кои спаѓаат во Југоисточниот плански регион: Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Гевгелија, Дојран, Конче, Ново Село, Радовиш и Струмица со единствена цел да се обезбеди адекватно решение за секојдневните проблеми на граѓаните од регионот, да се подобрат условите за живот и благосостојбата на сите жители во Југоисточниот регион.
До 2017 година Центарот за развој на Југоисточниот плански регион имплементираше 23 (дваесет и три) проекти финансирани преку Програмата за рамномерен регионален развој со вкупна вредност од 113.561.228,00 денари. Во овие средства спаѓаат средствата добиени од Бирото за регионален развој – Министерство за локална самоуправа и кофинансирањето од Центарот и од општините кои се партнери во проектите.

Напишете коментар