“Конекција 2-”изложба на Марјан Ѕин и на повеќе автори во Скопје

На 1 декември (четврток) 2016 година, со почеток од 19:30 часот во Мултимедијалниот центар Мала станица – Скопје (ул. „Јордан Мијалков” 18) ќе биде отворена групната изложба “Конекција 2”. На оваа изложба со свои ликовни дела ќе се претстават авторите кои се од различни гардови на Македонија: Зоран Мише (Охрид), Павел Целкоски (Охрид), Горан Тричковски (Делчево), Перица Георгиев (Скопје), Марјан Ѕин (Струмица), Иво Пецов (Виница), Слободан Милошески (Скопје), Маријана Иванова (Виница), Јана Луловска (Скопје) и Јовица Миленов (Делчево). Изложбата вклучува дела од различни ликовни области – графика, сликарство, вајарство, плакат и фотографија.

Концептот “Конекција 2” се појави со иницијативата на директорот на Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија, Васко Шутаров и наиде на позитивен прием од ликовните уметници кои се наоѓаа во Софија и изразија спремност да соработуваат со нашиот културен Центар. Беа претставени повеќе групни изложби во различен авторски состав во бугарските градови: Велико Трново, Благоевград, Русе, Пловдив, Стара Загора, Созопол, Харманли и во Софија.

Со изложбата во Мала станица, групата автори од “Конекција 2” кои живеат, работат или студираат во Софија се претставуват пред домашната публика, за да ги зацврстат и продлабичат своите контакти со колегите и публиката во Скопје.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

Кратки биографии:

Перица Георгиев
Роден во 1957 год. во Скопје. Во 1987 год. го завршил Факултетот за ликовни уметности на отсек „Сликарство“ во Скопје. Тој е еден од уметниците на групата „Зеро“, во која беше активен во осумдесетите години на минатиот век во Македонија. Во последните две децении живее и твори во Бугарија. Има остварено повеќе самостојни изложби во Р. Македонија и Р. Бугарија и има многубројни учества на групни изложби во различни земји

Maрјан Ѕин
Роден на 31.08.1976 г. во Струмица, Р. Македонија. Дипломира во 2002 г. на НХА Софија, специјалност “Плакат”во класата на проф. Иван Газдов. Магистрира во 2005 г. на НХА Софија, специјалност “Плакат” во класата на проф. Димитар Тасев. Има реализирано неколку самостојни изложби од кои четири во Р. Македонија и една во Софија, Бугарија. Учесник е на повеќе групни изложби во Софија, Струмица, Солун, Женева, Благоевград, Пловдив, Лондон, Њујорк, Рим, Прага, како и во два мултимедиjални проекти реализирани во Струмица, Р. Македонија. Учесник на Струмичката ликовна колонија 2015 и 2016, и Созопол 2016.

Зоран Мише
Роден во Охрид, Р. Македонија на 08.08.1984. Во 2007 година го завршува четиригодишното образование на Факултетот за ликовни уметности, специјалност „Графика“ на Националната уметничка академија во Софија. Магистрира во 2011 година, повторно на специјалност „Графика“ на „Националната уметничка академија“ во Софија. Има учествувано на повеќе групни изложби во Бугарија, Србија, Македонија, Италија, Кина, Турција, Грција, Шведска, Мексико, Австрија, Романија, Швајцарија.
-Носител е на наградата за млад автор на “Графички мини-печат ’09”-галерија “Сезони”, Софија.
-Награда за млад автор – 2010 год. на “Меѓународно триенале на графичките уметности” Софија, Бугарија.

Павел Целкоски
Роден во Охрид, Р. Македонија на 22.05.1986 год. Има завршено магистратура, специјалност „Графика“ во Националната уметничка академија во 2012 год., во класата на доц. Јохан Јотов. Има учествувано на повеќе групни изложби во Бугарија, Србија, Македонија, Италија, Кина, Грција.

Горан Тричковски
Роден во Делчево, Р. Македонија на 19.11.1987 год. Има магистрирано на Националната уметничка академија во Софија во 2012 год., специјалност „Графика“ во класата на доц. Јохан Јотов. Има учествувано на повеќе групни изложби во Бугарија, Италија, Србија, Австрија, Грција. Носител е на наградата за млад автор на конкурсот „Св. Св. Кирил и Методиј“ – Софија.

Слободан Милошески
Роден на 02.05.1977 г. во Охрид, Македонија. Во 2001 г. дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје. Во 2009 г. дипломира на Факултетот за ликовни уметности, отсек вајарствo. во Скопје. Во 2011год. магистрира на Факултетот за ликовни уметности, на област вајарство, во Скопје. Во моментов е докторант на Националната уметничка академија во Софија, на катедра скулптура. Има реализирано 12 самостојни изложби во Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора. Учествувал на повеќе од четириесет групни изложби во Македонија и пошироко. Реализирал седум проекти за поставување на скулптури во јавен простор. Добитник е на тринаесет награди и признанија.

Маријана Иванова
Родена на 14.06.1994, година, од Виница – Р. Македонија. Студент е на трета година, отсек плакат и визуелна комуникација во Националната Ликовна Академија во Софија. Има учествувано на повеќе групни изложби во Македонија и освоено второ место на ликовната манифестација „V МЛАДИНСКИ ПРОЛЕТЕН САЛОН“ (2012) во организација на Националната Галерија на Македонијa.

Иво Пецов
Роден во Кочани, Р. Македонија на 17.03.1980. Во 1999 година го завршува Средното уметничко училиште во Скопје. Образованието го продолжува во Националната уметничка академија во Софија каде го завршува четиригодишното образование (2003 год.) и магистратура (2005 год.) кај професорите Стојан Стојанов – Течи и Здравко Стојанов на специјалност „Графика“. Во 2010 година успешно ја одбранува докторската дисертација во Националната уметничка академија на спец. „Ѕидно сликарство“ под менторство на проф. Ружко Челебиев. Има повеќе учества на групни изложби во Македонија, Бугарија и во други земји. Својата уметност ја има претставено на околу десетина самостојни изложби.

Јана Луловска
Родена во 1986 година во Скопје, Република Македонија. Завршила уметничка и применета фотографија на Националната Академија за Театарска и Филмска Уметност “Крсто Сарафов” во Софија, Бугарија. Има претставено две самостојни изложби во Македонија и во Бугарија, а учествувала на повеќе групни изложби на фотографија во Македонија, Бугарија и Белгија. Покрај фотографијата, Луловска работи и во сферата на киното и стоп-кадар анимацијата.

Јовица Миленов
Роден на 25.01.1991 година во Штип, Р. Македонија. Завршил текстилно училиште СОУ “М.М. Брицо” – Делчево. Во 2014 година дипломирал на Националната уметничка академија во Софија, отсек “Сликарство”. Учествувал на многу групни изложби во Р. Македонија и Р. Бугарија, како и самостојни изложби, од кои најзначајна е неговата прва самостојна изложба во Софија (16.03 – 25.03.2015) во Арт салон “Карол”.

Напишете коментар