Коалицијата за Подобра Македонија ја напушти 28 Седница на Советот

Советничката група „Коалиција за подобра Македонија’’ денеска ја напушти редовната седница на Советот на општина Струмица со образложение дека Општина Струмица не го усвоила нивното барање за свикување на вонредна седница. Како втора причина, тие го наведоа отсуството на градоначалникот од седницата.

Јосиф Христов, претседател на Советот, на одлуката на Советничката група „Коалиција за подобра Македонија’’ да ја напуштат седницата изјави дека тие не ги исполниле законските норми за свикување на вонредна седница, ниту во барањето не навеле точки на дневен ред.

„Точките на дневниот ред имаат свои известители и свои предлагачи, тука беа сите, градоначалникот не мора да присуствува на секоја седница за да добијат одговор. Воопшто ова не е убаво од нивна страна, бидејќи денеска на дневен ред беа многу клучни точки, и во нивното барање за вонредна седница не беа наведени прашањата на кои сакаат одговор, а и барањето за свикување вонредна седница не им беше издржано, оти седница свикува претседателот на Советот, а не градоначалникот, согласно законските прописи и статутот на општината. Тоа е нивно право, но не е добро, кога на дневен ред се клучни точки за граѓаните на општина Струмица. Доколку некој од советниците од нашата советничка група не присуствуваше денеска на седница, можевме да немаме кворум и седницата да не се одржи. Тие се избрани од граѓаните, да ги браниме нивни интереси и платени од граѓаните.’’ – изјави Христов.

На денешната дваесет и осма седница на Советот на општина Струмица беа усвоени 32 точки на дневен ред.

Напишете коментар