Инструктори од Велика Британија ги обучуваат струмичките пожарникари за тактичка вентилација

Пожарникарите на Територијалната професионална противпожарна единица на Струмица се обучуваат за тактичка вентилација на објекти. Обуката ја вршат инструктори од Велика Британија со кои единицата има повеќегодишна соработка. Според командирот на единицата, Мијалче Крстев, оваа обука ќе овозможи брзо и безбедно евакуирање на луѓето и поголема лична заштита на пожарникарите.
-Со инструкторите од Велика Британија имаме традиционална соработка од 2009 година и секоја година се трудиме колку што можеме повеќе да научиме за новите достигнувања во противпожарната техника во поглед на нашите можности и помошта која ја добиваме од нив. Нашата единица имаше напредни курсеви тука во Струмица и престојуваше и на нивна територија и се вратија со искуства кои би сакале да ги користиме само во показни активности, но за жал, се случува да ги користиме при пожари и технички интервенции. Оваа година имаме обука за таканаречената тактичка вентилација за проветрување на објекти, посебно, на згради или куќи бидејќи не сме лишени од опасност од пожари кои се јавуваат и кај нас тука, посебно во поголемите згради, колку што може луѓето да бидат побрзо евакуирани или спасени затоа што при појавата на пожар се јавуваат нус продукти како што е чадот со своите хемиски својства и често пати доаѓа до задушување на самите луѓе, а страдаат и пожарникарите. Оваа тактичка вентилација се изведува со посебен вентилатор за таа намена покрај природната вентилација која што ја има со отворање на врати и прозорци, значи станува збор за специјален вентилатор кој што служи за брзо извлекување и проветрување на просториите во кои што има загрозени луѓе, а исто така и за самите пожарникари. Тука се опфатени сите можни подготовки кои што треба да ги знаат пожарникарите во објект кој што гори и целата постапка на сигурносни мерки кои што се преземаат пред се за лична заштита и за брзо евакуирање на повредените кои што се во објектот, рече Крстев.

Напишете коментар