Граѓанските Организации Против Зграда во Барок

Денеска, преставници на граѓанските организации одржаа прес конферација на која го искажаа својт став против реновирањето на старата полициска зграда, која според нив не треба да биде во барок.
Во продолжение еве го интегралниот текст….

Почитувани сограѓани, почитувани претставници на медиумите
Денеска сме овде како претставници на граѓанскиот сектор од општина Струмица, но и
како загрижени граѓани кои живеат, дишат и егзистираат во овој град за да го изразиме
нашето мислење и сериозна загриженост по повод неодамна најавеното идејно
решение за новиот изглед на старата полициска зграда сместена во срцето на градот и
во која треба да бидат сместени повеќе институции.
Како што можевме да слушнеме, за десет месеци, почнувајќи од денес, токму овде
треба да изникне т.н. бароктен објект и за кој треба да бидат потрошени 1,1 милион
евра буџетски пари т.е. пари на граѓаните на Република Македонија, а без притоа да
има каква било расправа или пак, на кој било начин да бидат консултирани граѓаните на
општина Струмица да го изразат своето мислење.
Почитувани сограѓани, ако се суди според најавеното идејно решение за обликот на
градбата на објектот, неминовно се наметнува заклучокот дека оваа градба никако не
може да се вклопи ниту во урбаното опкружување, ниту пак во урбаната живејачка.
Затоа, ние, граѓанските организации од општина Струмица денеска сме тука да го
изразиме нашето несогласување и нашиот став по однос на ова прашање и да укажеме
дека во овој момент кога половина од населението тоне во сиромаштија, а другата
половина во потрага по пристоен живот масовно се иселува во западноевропските
земји, воопшто нема потреба од трошење милионска сума на пари за т.н. „барокни
зданија“ кои, патем, беа актуелни во 18 век.
Денес ја живееме ерата на постмодернизмот, чиешто главно обележје е
минимализмот, а не раскошот и кичот. Живееме во 21 век и така треба да се
однесуваме, а не ретроградно и со брзина на светлината да се враќаме назад.
Струмица е европски град, град со своја повеќевековна традиција, обичаи, култура и
културна живејачка и струмичани многу добро знаат што е потребно, а што не во
нивниот град.
Затоа, сакаме да упатиме јасна и гласна порака: Струмица не сака никакви т.н. барокни
зданија и кич-објекти и Струмица не смее да дозволи да биде зафатена од „вирусот“ на
барокизмот.
За крај, сакаме да ги информираме граѓаните на општина Струмица дека во наредниве
денови граѓанските здруженија од општина Струмица на повеќе отворени пунктови во
градот ќе собираат потписи против ова идејно решение и секој граѓанин ќе може да
даде и свој придонес за зачувување на автентичноста на објектот кој, пред се и над се,
не би требало да наликува на накитена новогодишна елка или на подвижна макета.

Напишете коментар