Позитивна приказна од Дабиле: Со заеднички сили до поубаво и поуредено село!

Здружението на граѓани „Мое Дабиле“ продолжува со активности за разубавување на селото, обновување на културниот и спортскиот живот и обединување на жителите околу заеднички цели.

Убава и инспиративна приказна доаѓа од струмичкото село Дабиле, каде што благодарение на иницијативата и ангажманот на Здружението на граѓани „Мое Дабиле“, со поддршка од локалната самоуправа и жителите, селото постепено добива нов и поубав лик.

Во моментов привршуваат активностите за целосно уредување и обновување на селскиот парк, кој наскоро ќе прерасне во пријатно катче за одмор, дружење и рекреација на сите генерации.

Работите започнаа со изградба на нови бетонски оградни ѕидови, по што беше насипана поголема количина плодна земја. Изградени се нови бекатонски патеки во внатрешноста на паркот, како и околу него, а засадени се и нови дрвца, покрај неколкуте постојни што беа зачувани.

За целосно завршување на проектот останува уште поставувањето клупи и засадувањето нова трева, со што паркот ќе добие комплетно нов изглед.

„Мое Дабиле“ не застанува тука – следуваат нови проекти

Во разговор за Струмица Портал, членовите на Здружението на граѓани „Мое Дабиле“ истакнаа дека обновувањето на паркот е само еден од проектите што ги имаат во план.

Како што посочуваат, голема поддршка во реализацијата на активностите добиваат од Општина Струмица и градоначалникот, а истовремено работат во координација со Месната заедница на селото.

Значаен чекор за понатамошното функционирање на здружението е и доделувањето просторија во Домот на културата во Дабиле, врз основа на одлука донесена на седница на Советот на Општина Струмица.

Реновирањето на просторијата е веќе започнато и се очекува наскоро да биде завршено. Таа ќе служи како канцеларија на здружението, простор за работни состаноци, планирање и координација на идните активности.

Особено значајно е што просторијата ќе биде отворена и за жителите на Дабиле. Секој заинтересиран ќе може да се информира за тековните и идните проекти, да даде свои предлози и идеи и активно да учествува во креирањето на подобра иднина за селото.

По неколку децении, во Дабиле повторно оживува играорната традиција

Покрај инфраструктурните активности, од „Мое Дабиле“ големо внимание посветуваат и на културниот живот во селото.

Годинава, за првпат по неколку децении, во Дабиле повторно е активна играорна секција, реализирана во соработка со играорното друштво „Фолклорна Низа“ од Струмица.

Ова претставува важен чекор кон зачувување на македонскиот фолклор, традицијата и културното наследство, но и можност младите генерации да се дружат, да учат и да ја продолжат традицијата на своите предци.

Се обновува и фудбалскиот терен – амбиција за враќање на фудбалскиот клуб

Не е заборавен ниту спортот. Веќе се започнати активности за уредување на фудбалскиот терен во селото, со цел да се создадат подобри услови за спорт и рекреација на жителите, особено на младите.

Од здружението откриваат дека нивната долгорочна желба е повторно да се формира фудбалски клуб во Дабиле, кој ќе ја продолжи традицијата на некогашниот успешен селски клуб.

Од најмладите до пензионерите – сите со иста цел

Она што особено ја издвојува оваа позитивна приказна е вклученоста на самите жители.

Во работните акции учество зедоа голем број доброволци од селото – од најмладите, па сè до пензионерите. Сите со својата работа и ангажман придонесоа за заедничката цел: поубаво, поуредено и поживо Дабиле.

Како што потенцираат од Здружението на граѓани „Мое Дабиле“, токму зближувањето на жителите, поттикнувањето на заедништвото и враќањето на чувството на припадност кон селото се меѓу нивните најважни цели.

„Мое Дабиле“ не е само име на здружение, туку идеја дека секој жител може да придонесе за местото во кое живее.

Оваа приказна покажува дека кога постојат иницијатива, желба, доброволна работа и соработка меѓу граѓаните и институциите, позитивните промени стануваат видливи.

Се надеваме дека активностите во Дабиле ќе продолжат со ист ентузијазам и дека оваа иницијатива ќе биде инспирација не само за идните генерации, туку и за другите населени места во струмичкиот регион.

Затоа што најубавите промени започнуваат од самите луѓе – од нивната љубов кон местото што го нарекуваат свој дом.

Напишете коментар