Вечерва во Завод и Музеј Струмица ќе биде отворена изложбата „Артерии“

Во изложбениот салон на Завод и музеј Струмица денеска ќе биде отворена изложбата „Артерии“ на ликовната група „Пресек“ во која членуваат струмичките уметници Љупка Галазка Василев, Марјан Ѕингаров, Никола Пијанманов и Ване Костуранов.

– Ова е втора изложба и по некоја традиција изложбата ја правиме на крајот од годината со нови дела на секој од уметниците. Годинава ќе бидат застапени триесетина дела работени во различни техники, вели Никола Пијанманов.

Ликовната група “Пресек” е уметнички проект на четири современи сликари, формирана како контра аргумент на ликовно визуелната апатија во градот, велат организторите.

– Основната цел на групата е да направи пресек помеѓу естетското загадување и спонтаното уметничкото здружување. Будење на визуелната свест и култура и деконтаминација на изгубените простори на периферијата. Дејствувањето нема да ги разводни индивидуалните авторски уметнички стилови и ставови на членовите,туку ќе ги кристализира преку единството на различностите со континуирано заедничко претставување. Во испразнетите простори на културните институции, оваа група е еден вид прогласување автономија на сликарството, додава Пијанманов.

Напишете коментар