Утревечер Промоција на Книгата „Една митопоетика“на Софија Тренчовска

На 17.09. (четврток), со почеток во 20 часот во Завод и Музеј – Струмица ќе биде промовирана книгата ЕДНА МИТОПОЕТИКА на Софија Тренчовска. Книгата „Една митопоетика“ неодамна излезе од печат во издание на „Македоника литера“ од Скопје и е посветена на дела и на автори од новата македонска драмска книжевност. Книгата ќе ја промовира проф. д-р Кристина Николовска.
Во првиот дел на книгата е содржано студиозното монографско истражување „Митопоетиката во раните драми на Јордан Плевнеш“ со херменевтички, митопоетски, филозофски и научен дискурс кон драмското творештво на овој македонски писател. Притоа авторката Тренчовска прави интерпретации на пиесите „Еригон“, „Мацедонише цуштенде“, „Југословенска антитеза“, „Р“ и „Слободен лов“ кои упатуваат на еден автентичен митопоетски систем.
Вториот дел на книгата е составен од три текста за делата на Војдан Чернодрински, Ѓорги Абаџиев и Коле Чашуле, во областите: театар, интермедијалност, филм и наратологија…
Рецензентот на книгата „Една митопоетика“, проф. д-р Кристина Николовска, во предговорот пишува: „…Авторската херменевтика на Тренчовска е веќе оформена и препознатлива стилема, која го краси нејзиниот подвиг и го искачува до ранг на монументалност…“
Книгата претставува своевиден прилог кон феноменологијата на новата македонска драмска книжевност.
Софија Тренчовска (1975) е филолог, писател, преведувач, уредник и културен активист. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и магистрирала со тезата „Митопоетиката во раните драми на Јордан Плевнеш.
Преведува од српски, хрватски и бугарски на македонски јазик.
Од основањето е уредник на електронското издание „Проект Растко – Македонија“.
Учествува на меѓународни симпозиуми и научни собири и објавила повеќе стручни текстови. Пишува и објавува текстови од областа на книжевноста и уметноста во повеќе периодични печатени и електронски списанија.

Напишете коментар