Со модна ревија „Убави сме, свои сме“ одбележан Светскиот ден на лицата со посебни потреби

Вчера во клубот Индустријал се одржа Модна ревија „Убави сме, свои сме“ по повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби.
Клубот Индустријал беше претесен за да ги собере сите граѓани кои сакаа да бидат дел од оваа манифестација.
Сопругата на премиерот на РМ, Зорица Заева, градоначалниците на Струмица и Валандово, Коста Јаневски и Перо Костадинов, пратеници, советници, естрадни ѕвезди и медиусмки личности и активисти ги фатија за рака децата со посебни потреби од Струмица и заедно продефилираа на модната писта како дел од ревијата „Убави сме, свои сме“.
Од Здружението за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром „Вера“, велат дека се презадоволни од настанот кој наишол на голем интерес кај струмичани.
-Нашата цел беше да оствариме нечиј сон, да покажеме дека сите сме исти под ова небо и дека децата со посебни потреби можат и умеат со нашата поддршка. Им благодарам на сите кои помогнаа. Првичните импресии се многу позитивни и веќе бараат оваа ревија да стане традиционална, рече Анче Туфекчиева од здружението „Вера“.

Ревијата заврши со музичкиот избор на диџеј Jас сум Цако – I am Cako.
Учесниците на ревијата беа облечени во модели на струмичките бутици. Парите собрани од влезницата што чинеше 50 денари ќе бидат наменети за поддршка на Здружението за лица со Даунов синдром „Вера“./кд

Напишете коментар