Ристо Ѓоргиев- Слушам кај шумат шумите, буките..плачат зa…

Една стара македонска мудрост вели: Кој пее, зло не мисли.

Од колено на колено, со милозвучен глас, за сите маки македонецот наш, во песна си бара спас.

Во оној 7/8 такт, успешно и вешто, нон-стоп исмева нешто.

Ни тага, ни болка низ погледот срчен, што на душа со години ја носиме збрана, нема да не сопрат, за до нас стихови да не допрат.

Македонец ти е тоа, со песна се раѓа, и низ животот со неа плови, ко Вардарска лаѓа.


Вардарска лаѓа

Со песна се е полесно, оти во македонска кожа, знае да биде тесно.
Нема бол, ил момент зол, во кој тамбура милна, нема да разбуди душа македонска силна.

И ете така низ песна, бол во душа ми блесна, кога прочитав дека Владиката Петар сака да сече шума бесна, оти црна чума, та од Канада се зададе.

И срце ми заигра и стих ме подигна, па запеав на глас цел: „Слушам кај шумат шумите, буките, плачат за владиката“.

И навистина; Болна е легнала шумата во ресенско, и владиката ко Капидан шумски, веднаш пресече.

На сет глас, ко зурли штом диво ќе писнат, тој извика: Болна е легнала младата шума, и само сеча и е спас!!

Оо тешкото, не знам зошто жал лута ме стиска, во очиве зошто навира река и зошто ми иде да плачам ко дете, кога вакви глупости читам.

Но, Владиката има во себе сонце за уште 3 манастири и ако не ги изгради ќе изгасне

На вакви судни маки бедни, не бил ни Исус, дал да земе милиони медни, ил да прави чуда земни и спаси фамилии бедни?

Се надевам владата ќе помогне сега, оти од ова нема каде да се бега.
Мора веднаш МПЦ да се ослободи од глоба, оти во Македонија, без манастирски ѕвона, ќе продолжи да расте злоба.

Но на 223 305 се јави Агатангел, со промисла божја.
Ко што Ленка везеше кошула тенка недовезена, така и тој изгледа не го дочитал словото божјо, па повика: „Бог да ги бие предавниците својот народ што го продале“.

Со бас од дното на срцето во бога возљубено, воскликна: Во бој, во бој Македонски народе.

И така дур се дереше слатко, од седиштето џиповско глатко, ѓаоло зол, му зададе бол, и подрипна цд, удри во греде, и престана да пее.Image result for владика агатангел

И му ја зеде бог, сета моќ, оти сега нема кај „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“ да слуша, и да полни душа, и со божја реч душа да исполни, ко даночна што никогаш не потполни.

И си пее цела нација со гаранција, песни глупави лесни…

Дурловски со глас оперски мек, во затвор во „Опинок“ си нашол лек.
Ивона во судница чудна „Све је исто само нјега нема“ си потпевна, за да остане будна, дур мечка во пештера во мразој и виулици, зима преживуваше судна, Ивона од Латас не остана трудна. И така лесно со чекор бесен, си излезе на слобода со кеш пресен.

Никола, Никола, пак, чекал да поминат уште седум години, за да и запее на мама Нада: Сакам кола убава, нејќам старо Пунто?Image result for груевски пунто

Во Скопје пак, од БМВ сино, глатко, ечи слатко: „Во парк, во парк, возиме во парк“..
Во СДСМ пак, не смее да се пушта „Пада влада“, а Кемал е на црна листа откако ја испеа она глиста: „Кој да ти каже Заев, колку се бламираат твоиве“.

Во кулоари судски само Лева Патика со „Неправда“ ечи, дур нова погача за арамии се печи.

„Ех да имам ко што немам“ да ти била популарна кај широката маса, оти немало со што да се плати на каса.

На породилно дур некоја сестра јадела праска, чула за Васка. „Со маки сум се родил јас“ е зараза тешка, ама за жал на породилно, не е смешка.

Во Пензиски само една врти оти, „Пари пари пари, се опсесија, а живот е само на вересија“.

З.З пак “Рано ми е да се врзам за решавање проблеми“ си пее и слатко си се смее.
А пак Рада пред НАТО правела серенада со: Отвори ми бело Ленче вратата, аман портата“ на која може да и завиди и тетовската Менада.

“50 милиони германски марки, зема и си кидна“ побара Грујо да му се свири, дур се со судиите смири.

Шилегов пак во негов стил со „Полни полни бре меанџијо“ направил добар „дил“. По цел да му свири, додека он со загадување прави Харикири.Image result for шилегов пијан

Во Дрисла, пак Игор со „Диши Длабоко“ од звучници ечел, дур се отпад медицински печел.

И на крај само едно прашање ја мачи ова нација, а тоа е па каква е ова ситуација????

И ете така расшумените шуми на Владика Петар ја распејаа цела Македонија, од тага или радост, од жал или јад, неважно, сепак кој пее, зло не мисли.

Пејте македонци, дур уште останале шуми да шумат.