Општината Василево потпиша договори за три нови проекти

Денес, градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов потпиша договори за три нови проекти: улица во с. Седларци, улица во с.Василево за пристап до регионалниот пат Василево – Струмица и договор за изработка на проектна документацја – основен проект за изградба на филтер станица за прочистување на вода за пиење за населените места Доброшинци, Нова Маала и Чанаклија.

„Денес потпишавме два договори од кои едниот е за изработка на техничка документација за изградба на нова филтер станица за водоводот во Добрашинци, со што ќе го подобриме квалитетот на водата, овозможувајќи здрава и чиста вода за пиење за корисниците од населените места Доброшинци, Нова Маала и Чанаклија и објектите од новата индустриска зона каде е планирана изградба на винарски визби и фотоволтаични панели. Со реализацијата на овие договори продолжуваме да работиме во насока на подобрување на целокупната инфраструктура на територијата на општина Василево која во основа значи подобрување на условите за живот на сите граѓани на општината“, изјави градоначалникот на општина Василево по денешното потпишување на договорите.

Вкупната вредност на овие три инвестиции е околу 3 000 000 денари од кои околу 2,5 милиони се за асфалтирање на двете улици и околу 500 000 денари за изработка на техничката документација за филтер станицата од која со чиста и здрава вода за пиење ќе се снабдуваат населените места Доброшинци, Нова Маала и Чанаклија. Средствата за изработка на техничката документација општината ги има обезбедено од Министерството за животна средина , додека двете улици ќе се прават со сопствени средства на општина Василево.

Должината на улицата во населеното место Седларци е 500 метри а ширината, како и кај повеќето улички низ населените места варира од состојбата и условите на теренот. Улицата во Василево која воедно е и побрзување со регионалниот пат Василево – Струмица, долга е 115 метри а широка околу 5 метри.

Активностите на терен треба да започнат во најкраток временски период како би се искористила оваа градежна сезона.

Напишете коментар