Одржана дводневна работилница во Струмица за јакнење на капацитетите на воспитно-образовниот персонал од детските градинки

Во рамките на реализацијата на проектот „Еко-градинки за одржлива иднина“, на 4 и 5 ноември 2017 година во Струмица се одржа дводневна работилница за јакнење на капацитетите и вмрежување на воспитно-образовниот персонал од детската градинка „Детска Радост“ од Струмица и детската градинка „Први Јуни“ од Ќустендил, Република Бугарија.
Целта на оваа работилница беше размена на добри практики од областа на еколошкото образование од Македонија и Бугарија, усогласување на професионалните методи на работа, развивање идеи за спроведување на интерактивани активности за децата од детските градинки и слично.
Во текот на работилницата беше презентирана и финалната верзија на Прирачникот за еколошко образование на деца, наменет за воспитувачите од детските градинки од Струмица и Ќустендил, чија цел е подобрување и промоција на нивниот професионален развој и промена на начинот на кој децата од предучилишна возраст се едуцираат за теми од областа на еколошкото образование како што се заштита на животната средина, одржливо искористување на природните ресурси и слично.
На работилницата присуствуваа по 15 претставници од детските градинки во Струмица и Ќустендил.
Овој проект е финансиран од ЕУ преку Интеррег-ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија 2014-2020.

Напишете коментар