Одбележана 73-годишнината од убиството на Благој Јанков – Мучето

Општина Струмица денеска ја одбележа 73-годишнината од убиството на народниот херој Благој Јанков – Мучето пред спомен плочата во големиот градски парк. За животот и делото на херојот, зборуваше вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.

-Постојат датуми во нашиот историски споменар кои ни причинуваат гордост, но постојат и такви кои го изразуваат нашиот непребол. Таков е и денешниот ден, ден кога Македонија и Струмица останаа посиромашни за еден великан, каков што беше народниот херој Благој Јанков – Мучето. Од 14 јули 1944 година, до денот денешен – 14 јули 2017 година, поминаа цели 73 години, но и по толку голем изминат период се уште пече раната од големата загуба на големиот човек, патриот и борец, на големиот Македонец и струмичанец Благој Мучето. А тој 14 јули беше на временска дистанца од само 19 денови од Првото заседание на АСНОМ и на помалку од два месеца до конечното ослободување на Струмица. Ете толку малку го делеше Мучето од исполнување на неговите желби и стремежи, ете толку малку требаше да помине, неговиот сон да стане јаве. Да не се случеше тој пазарен ден – сабота, да не се случеше тој 14 јули, Благој Јанков ќе беше делегат-Асномец на македонскиот втор Илинден, а потоа ќе му се израдуваше и на првото струмичко слободарско сонце. За жал, судбината сакаше, тие два толку важни настана, да бидат блиски, а за него толку далечни и недоживеани. Со години и децении неговото име останува да биде синоним на непокорот, слободарскиот дух и љубовта кон родната грутка. За такви луѓе каков што беше Мучето, заборав не смее да има. Тој беше, останува и ќе биде струмичка и македонска гордост, а ние – сегашните генерации струмичани, вечно сме му благодарни за неговиот влог во слободата која ни е оставена како непроценлив дар, рече Костадинов.

Во чест на херојот, членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“ изведоа револуционерна поезија, а свежо цвеќе од името на Општината пред спомен плочата во големиот градски парк и пред спомен бистата во малиот парк положија градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот на Советот Јосиф Христов и членот на истиот Ацо Ѓоргиев.

Напишете коментар