Министерката Шеќеринска во посета на општина Струмица

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска денеска беше во посета на општина Струмица. На средбата со градоначалникот Коста Јаневски, разговараа за претстојниот референдум и за придобивките на државно и локално ниво од членството во ЕУ и НАТО. Беше потенцирано дека општина Струмица е најдобриот пример во користењето на придобивките од Европската унија преку искористувањето на средствата од европските фондови кои го забрзаа нејзиниот севкупен развој. Во изјавата за медиумите по одржаната средба, градоначалникот Јаневски порача дека граѓаните треба да учествуваат во креирањето на судбината на нашата држава и на претстојниот референдум да гласаат по сопствено убедување.

-Со министерката Радмила Шекериска имавме една пријатна средба за претстојниот референдум за едно важно прашање, кое нашата држава треба да го одлучи во наредниот период. Зборувавме за предностите од прифаќањето, односно гласањето ЗА на овој референдум. Сите сме свесни дека оваа опција дава и отвора големи перспективи за нашата држава и мислам дека треба со сета своја одговорност како граѓани на оваа земја да ги согледаме сите можни предности од оваа наша одлука и сметаме дека овие предности ќе се големи за нашата Република. Очекуваме дека луѓето кои со години размислуваат за овој момент, нашите сограѓани кои што знаат дека во претходниот период со години го очекувавме овој референдум и сите бевме сложни и опозиција и позиција дека вакво важно прашање како што сега претстои мора да се реши на референдум, дека тоа е прашање кое не можеме ниту партиски да го решиме, ниту поединечно, туку сите заедно сложно да го решиме, еве го тој момент, еве го референдумот. Јас можам само да посакам нашите граѓани да излезат масовно на референдумот, да учествуваат во креирањето на судбината на оваа наша Република бидејќи тоа е начинот на кој треба да се однесуваме одговорно, да ги искажат свите мислења, да си ги искажат своите убедувања, да гласаат како што мислат дека треба да гласаат, но да гласаат-да не останат пасивни, да не остават вакво важно прашање за нашата држава, за нашата иднина и судбина на нашите деца да остане парцијално решено или да биде решено од одредена група на луѓе, а не да биде масовно решено, па како ќе биде решението така сите ќе се однесуваме и ќе го почитуваме. Јас апелирам до нашите граѓани да излезат на овој референдум и да си го кажат своето мислење, рече градоначалникот Јаневски.

Министерката Шеќеринска рече дека во европска Струмица не треба многу да зборува за вредностите на европска Македонија, Струмица беше и ќе остане општина која на најбрз, најефикасен и најпаметен начин ги користеше придобивките од Европската унија и нашиот пат кон членство во ЕУ.

-Ако знаеме како држава да ги искористиме новите можности тогаш ќе и помогнеме на нашата татковина да има подобри општини, поквалитетни институции, позадоволни граѓани, поголем број на работни места и подобро платени работни места. Одлуката на 30 септември зависи од секој нас. Секој глас може да биде пресуден. Одлуката на 30 септември можеме да ја споредиме само со одлуката што ја донесовме пред 27 години исто во септември, кога гласавме за независноста на нашата татковина, рече Шекеринска.

Напишете коментар