Локалните институции имаат голема улога во промоцијата и поддршката на доживотното учење

„Улогата на локалните чинители во промоцијата и поддршката на доживотното учење“ беше темата на која денеска во хотелот „Сириус“ се зајакнуваше соработката помеѓу клучните институции и организации во општина Струмица кои се поврзани со неформалното образование за возрасни, а во рамките на одбележувањето на Деновите на доживотно учење 2015. Целта на средбата беше подигање на свеста за доживотно учење во едно современо општество засновано врз знаења и размена на идеи, искуства и добри практики кои дале ефикасни резултати. Според Зоран Узунов, претставник на општина Струмица, неформалното образование и доживотното учење системски е внесено во четири стратешки документи на Општината.

-Општина Струмица во текот на оваа година донесе повеќе документи – стратегии и акциони планови со кои го заокружи своето планирање за период од 5 години, а со кои беа опфатени областите: млади, образование, социјална заштита и соработка со граѓанскиот сектор. Документите обезбедуваат клучни показатели за постигнување на приоритетните цели, како и мерки и иницијативи кои ќе се превземат за остварување на утврдените целни вредности. Четирите перспективи-задоволни граѓани, обезбедување услуги, развој на капацитетите и управување со буџетот, претставуваат генерална рамка за сеопфатен инклузивен процес на стратешко планирање кое ќе овозможи остварување на планираната визија и мисија. Неформалното образование и доживотното учење системски е внесено во сите четири стратешки документи, како иницијативи и мерки за остварување на целните вредности за унапредување и развој, зајакнување на институциите за неформално и образование за возрасни заради обука на кадри за потребите на локалниот пазар на трудот, особено во опфатот на младите и граѓанскиот сектор. Советот на општината во рамките на својата надлежност ја усвои програмата за работа на Општинската јавна установа Отворениот граѓански универзитет за доживотно учење „Јоска Свештарот“ за 2016 година, активно соработува со сите НВО, здруженија и институции кои го промовираат и реализираат неформалното образование и дава поддршка на сите креативни активности произлезени од програмските документи на носителите на неформалното и доживотно учење, рече Узунов.

Напишете коментар