Локалниот економско социјален совет на Струмица го доби престижното признание од УСАИД

Локалниот економско социјален совет на Струмица (ЛЕСС) го доби престижното признание од УСАИД – плакета за особена поддршка на социјалниот дијалог, иновативност и постигнати резултати во периодот 2013-2016 година.
Ова престижно признание беше врачено на свечената церемонија за доделување награди на најуспешните – шампионите која што се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, а по повод завршувањето на Проектот Мрежа ЈЕС. На истиот учествуваа повеќе од 200 гости од цела Македонија, претставници на општините и министерствата, ЛЕСС-овите, училиштата, Центрите за вработување и претставници на повеќе проекти на УСАИД, ЕУ и Меѓународната организација на трудот.
Признанието што го освои ЛЕСС Струмица е потврда за несебичната заложба на претседателот и сите негови членови, кои и покрај волонтерскиот ангажман и секојдневни работни обврски, работеа со жар и искрена желба да ги поврзат обичните граѓани, работниците и работодавачите со градоначалникот Зоран Заев и општинските советници и да помогнат во решавање на најгорливото прашање во Македонија – невработеноста на младите.
Во своето досегашно работење, ЛЕСС Струмица е првиот во Македонија кој креираше сопствена веб страница, кој организираше повеќе јавни настани и форуми со граѓаните и младите, меѓу кои за истакнување е панелот за неусогласеноста на понудата и побарувачката на работна сила, продуцираше неколку значајни стратешки документи (Локален Акциски План за вработување, Стратегија за локален економски развој, Стратешки, Акционен и Годишен Оперативен План на ЛЕСС Струмица) и други.
Плакетата на претседателот на ЛЕСС Струмица, Тони Милушев, му беше врачена од страна на директорот на УСАИД Мисијата во Македонија, Џејмс Стајн, претставникот на Центарот за развој на образование од Вашингтон, Ерик Батлер и директорот на Мрежа ЈЕС, Ѓорѓи Кушевски.
„Клучот на секој успех што го постигнавме, беше посветеноста и напорната работа на оние поединци и институции со кои соработувавме. Со церемонијата за доделување награди на најуспешните, на шампионите, сакавме на симболичен начин да ја истакнеме јавно нивната заслуга и нашата благодарност за се’ што тие самите направија или овозможија да се случи и да внесе еден нов импулс на промени, реформи и позитивно влијание во нивните лични и професионални кариери, во функционирањето на ЛЕССовите, кариерните центри, работните клубови, центрите за вработување и училиштата,“ истакна Вирна Манасиева Герасимова, одговорна за компонентата Јавно-приватен дијалог во Проектот Мрежа ЈЕС.

Напишете коментар