Костадинов оствари средба со амбасадорите на Јапонија и Србија и заменик амбасадорот на Кина

Вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов денеска оствари средба со амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда, амбасадорката на Република Србија, Душанка Дивјак Томиќ, заменик амбасадорот на Народна Република Кина, Мао Кинвен и сопругата на амбасадорот на Холандија. Оваа средба е во рамките на добрата соработка помеѓу Здружението на граѓани „Добредојде Macedonia welcome Centre“ од Скопје и општина Струмица и на истата присуствуваа и претставници на здружението и претседателот Советот на општина Струмица, Јосиф Христов. Главен акцент на средбата беше ставен на туристичките потенцијали на општина Струмица и градоначалникот Костадинов, детално, ги информираше гостите со целокупната понуда на Општината.
-Целта на овие посети е запознавање на гостите со убавините на Македонија, а во конкретниов случај, со убавините на Струмица. На оваа средба разговаравме за манастирските комплекси во Водоча и Вељуса, кој што претставува еден од најстарите манастирски комплекси во Република Македонија кој што датира од 11 век, секако ги спомнавме и римските бањи во Банско. Не ја пропуштив оваа можност да ги запознаам гостите и она што значи интернационални културни фестивали и настани кои што ги имаме во општина Струмица, кои покрај својот културен карактер нудат и туристички можности за туристички посети на нашите сограѓани, а секако и граѓаните од соседните земји во нашата држава. Спомнавме за фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, фестивалот на краткометражни филмови „Астер фест“, нормално, најголем акцент ставивме на струмичкиот карневал кој што претставува еден од топ 20 улични фестивали на светско ниво. Јас се надевам дека преку овие посети, општина Струмица ќе стане приоритетна во туристичките тури кои што ги имаат туристите во Република Македонија за гостите од Кина, Србија и Јапонија, рече Костадинов.
Претставникот на Здружението се заблагодари за прекрасната соработка со општина Струмица во промоцијата на Македонија пред странците кои што живеат и престојуваат во неа, а од името на претставниците на амбасадите на денешната средба се заблагодари амбасадорката на Србија, Душанка Дивјак Томиќ, која што е и почесен претседател на Здружението.
-Изразувам големо задоволство што денеска сме гости на општина Струмица. Нашата желба е преку оваа организација да го промовираме пријателството меѓу народите, државите и локалните заедници. Денеска, имаме голема можност да ги запознаеме туристичките потенцијали на Струмица, што повеќе да се приближиме и да развиваме пријателски и корисни врски помеѓу нашите држави и нашите народи. Сакам да му се заблагодарам на градоначалникот за искреното и топло пријателство, верувам дека такви се и граѓаните на Струмица и сакам соработката меѓу нашите држави да биде што подобра и почесто да се гледаме, да се запознаваме и да ги развиваме корисна соработка пред се во економијата, но и во останатите области, рече Томиќ.
По завршувањето на средбата, гостите ќе ги посетат поголемите културно-историски знаменитости на општина Струмица.

Напишете коментар