Колумна на Ристо Ѓоргиев- „Кванташки пазар – Македонија“

Верувам дека барем еднаш во животот сте имале прилика да посетите некој кванташки пазар. Доколку не сте ја имале таа чест, а живеете во Македонија, воопшто не мора да одите. Причина? Вие веќе живеете на кванташки пазар.

Кванташкиот пазар „Македонија“ е еден територијално ограден простор во кој се владее по принципот прв дојден прв услужен, во кој нема ред, поредок или некакви правила. Тука нема правда нити правдина, сите се обидуваат да преживеат како знаат и умеат, а на нивна сметка мала елита луѓе си ги полни џебовите. Ви звучи познато?

На кванташки нема одговорност, а и да ви ја бараат вие не морате да ја давате. Таму се сите рамноправни, освен оние кои не се. На тој кванташки пазар можете да владеете, иако немате некаква титула, ви треба само стравопочит и моќ.

Не, не алудирам на државата Македонија. Таму е се поинаку. Демократијата е до толку развиена што граѓанинот Никола Груевски може да му нареди на премиерот на државата да свика седмица на владата, кои наредни чекори да ги преземе и што треба да прави. Па потоа да објави спонзориран прилог на социјални мрежи дека го прекинал летниот одмор за да помогне. Еве, морам да признаам, обичниот граѓанин Никола, ме подзамисли, море лажам, ме доведе до преиспитување на моето постоење. Замислете, обичен граѓанин како и јас, отиде со цела придружба на одмор, со приватен лет, во којзнае колку скап хотел и сето тоа самоиницијативно го прекрати за да помогне на своите сограѓани.

Нема некоја голема разлика меѓу неговата Ајфон интервенција од она што се случува на кванташки и таму некој големец доаѓа се јавува некаде и одеднаш сите лубеници се откупени. Па така и граѓанинот Никола се јави на неколку места и граѓаните добија спонзорирано видео од неговата голема жртва. И еве сега јас седам дома длабоко замислен и ожалостен, што немам пари да одам на одмор да можам да го прекинам и да дојдам да помогнам околу поплавите. Да донирам средства како граѓанинот Никола, да обујам чизми и да наредувам на градоначалниците и да барам да не се политизира ситуацијата.

Не знам дали сте знаеле, ама кванташки пазар „Македонија“, нема ни одводен ни канализациски систем. Што ќе му е? Сите се таму само краткорочно, доаѓаат, прават колку што можат пари и заминуваат. Во каква состојба ќе остане кванташки на крајот на денот, никој не води грижа. Сумата која земјоделците ја плаќаат на влезот за да можат да ја продадат својата стока оди некаде.

Каде? Никој не знае, ниту прашува. Не е убаво да се занимавате со тоа, сепак сте вие тука само да ја продадете својата роба.

Ако ова ве асоцира на поплавите во Скопје, каде загинаа 21 луѓе, тогаш вас ве интересира само политика. Скопје имаше исчистени одводни канали, пошумена Скопска Црна Гора, одличен канализациски систем и феноменално подготвен тим за справување со кризи. Не е убаво вака да обвинувате, никој не е одговорен што мајка природа вака не казни, немаше како ние да ја ублажиме оваа природна непогода.download

На кванташки пазар, никој не се прашува што прави управата на пазарот, никој не бара одговорност од нив за тоа во каква состојба е пазарот. Едноставно управата не сноси било каква одговорност, пазарот припаѓа на пазарџиите и нивна е одговорноста за секое зло.

На кванташки секогаш може да сретнете некој тотално луд лик кој ќе ви раскажува неверојатно чудно приказни, од типот „Америте се криви, они користат антени и врне дожд“, „виде ли бе брат имало НЛО пред поплавите во Скопје“. О, не извинете ова со НЛО беше весникот Вечер, ни на кванташки нема толку луди луѓе.nlo

На кванташки, нон-стоп доаѓа некој трговец и ви ветува дека утре ќе биде подобро, доматот ко алва ќе се продава. Ви ветува дека тоа што денес не ви ја дава цената која е барате е оти „странските пазари“ така налагаат. На кванташки, трговците никогаш не се криви. Таму се криви само земјоделците оти или произвеле повеќе или саделе тоа што не требало. Тука е раат да се биде трговец. Добивате се, а не давате ништо, ветувате многу исполнувате малку. Откупувате од кој сакате, давате приоритет на своите роднини и пријатели и ич не ви е гајле што ќе каже народот.

На кванташки е рај и пекол во исти ден. Некој земјоделец плаче од среќа, некој од жал. За некој е кванташки мајка, за некој маќеа. Кванташки е лесен да се контролира, ако им дадеш на сите помалку релативно е тих. Кванташки ќе те слуша и почитува, нема да се буни се додека го прехрануваш.

Кванташки ти е брат, кај што одиш да ги продадеш својот чесен и макотрпен труд, на некој алчен и жеден трговец, кој ќе вози нов џип, изградил вила на Водно и на крај ќе дојде застане пред тебе и од лист хартија ќе ти прочита како се молзат крави.

Како да ти кажам, на кванташки не може да се заведе ред, затоа што тоа не им одговара на тие што таму профитираат.

Кванташки „Македонија“ е живот и уживање за многу малкумина а смрт за многумина. Тоа ти е место каде што сите знаеме што се случува ама молчиме, да не дојде ден кога ќе нема кој да ни го откупи пиперот оти лошо зборувавме за трговците.

На кванташки „Македонија“ одамна веќе нема млади, тие ги собраа куферите и отидоа по светот, и оставија будали и неписмени да го водат пазарот. На „Кванташки пазар Македонија“ брат, надежта одамна умре.

*Секоја сличност меѓу државата Македонија и кванташки пазар „Македонија“ е случајна, на кванташки работат и заработуваат чесни земјоделци и до некоја мера чесни трговци, што не може да се каже за политичарите во државата Македонија.
Автор- Ристо Ѓоргиев

Напишете коментар