ИЗВРШЕН ПРИЕМ ЗА ФИЛМСКИТЕ ГОСТИ НА „АСТЕРФЕСТ“

Денес во салата за седници на Советот на општина Струмица, во домот на АРМ, беше одржан прием за филмските гости на „Астерфест“, на кој свое поздравно обраќање имаше претседателот на Советот – Јосиф Христов. Поздравувајќи ги присутните, првиот струмички советник ја истакна богатата културна понуда на Струмица во која централно место имаат традиционалните меѓународни културни манифестации, меѓу кои е и „Астерфест“. Христов го констатираше континуираниот растеж на овој фестивал изразувајќи надеж дека така ќе продолжи и во иднина. Со успешноста на „Астерфест“ се сложија и гостите кои споделија свои импресии на денешниот прием.
Вечерва на програмата на „Астерфест“ е доделувањето на наградите за најуспешните филмови и автори, а утре фестивалот завршува со проекциите на филмовите „Жед“ на Димитрие Османли и „Тувалу“ на Вајт Хелмер. Инаку, Општина Струмица и оваа година е финансиски покровител на „Астерфест“.

Напишете коментар