Интернационалниот натпревар ГастроМак по втор пат ќе се одржи во Струмица

Струмица и годинава ќе биде домаќин на интернационалниот Гастрономски натпревар – ГастроМак Македонија 2018, кој по трет пат ќе се одржи во нашата земја, а по втор пат во нашиот град. На денешната прес конференција, од ГастроМак, кој што е организатор на овој интернационален натпревар, најавија дека истиот ќе се одржи од 8 до 12 октомври во хотелот „Вила парк“. Градоначалникот Јаневски потврди дека општина Струмица и годинава ќе биде поддржувач на ова реномирано меѓународно натпреварување.

-Тоа само покажува дека минатата година како домаќини сме ја оправдале довербата, па како резултат на тоа, Струмица и струмичани повторно ќе имаат извонредна можност да се дружат со врвните мајстори на кулинарството од земјата и светот. Има едно непишано правило кое вели: „Тимот кој што победува не се менува“, па така, организатори на овој натпревар и овој пат ќе се луѓето од ГастроМак Македонија на чело со госпоѓата Адријана Алачки, местото на одржување на натпреварот повторно е ресторанот на хотелот „Вила парк“, а општина Струмица повторно ќе ја има улогата на домаќин и поддржувач на ова реномирано меѓународно натпреварување. За општина Струмица и за мене како нејзин градоначалник, ова претставува чест и задоволство, бидејќи третиот интернационален гастрономски натпревар – ГастроМак Македонија 2018, ќе биде уште една алка во синџирот од меѓународни манифестации со кои Струмица се гордее и е препознатлива и надвор од границите на нашата земја. Да се биде на гастрономската мапа на светот не е мала работа, па затоа сум убеден декаа од 8 до 12 октомври, сите патишта ќе водат кон Струмица. Верувам дека овогодинешното издание на овој интернационален гастрономски натпревар ќе биде најдобро до сега, рече градоначалникот Јаневски.

Напишете коментар