Градоначалникот Заев како прв амбасадор за борба против глад во Македонија донираше помош

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, прв амбасадор за борба против глад со дипломатски пасош број 0001 и член на дипломатскиот кор на Банката за храна Македонија, денеска донираше помош за учениците во општинското основно училиште „Маршал Тито“ во Струмица. Хуманитарниот настан во организација на Организацијата на жени од Струмица и Банката за храна Македонија се одржа по повод Денот на ослободувањето на Струмица, а беа поделени прехранбени пакети и
училишен прибор на 60 ученици од прво одделение.

Општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев веќе три години даваат целосна поддршка за промоција на една нова вредност и систем за справување со сиромаштијата и гладта во целина, систем кој функционира и така ќе продолжи и понатаму.

-Проектот го спроведуваме од 2012 година, имаме донирано преку осум тони храна на сиромашни семејства. Ова е од големо значење заради тоа што партиципативното учество е само делумно на општина Струмица, а учествуваат поголем број компании, пред се од организацијата на Банката за храна. Тоа што се донира е за секојдневна употреба на граѓаните и е од огромна помош за нив. Проектот е зацртан во буџетот на општина Струмица со 300 илјади денари и го спроведуваме два пати годишно по 150 илјади денари за да можеме и во периодот на пролетта и на почетокот на есента да им излеземе во пресрет на граѓаните. Гледав денеска многу среќни лица и на учениците и на нивните родители и се надевам дека целта е постигната со спроведувањето на овој проект, рече градоначалникот Заев.

Според Душко Христов од Банката за храна, Струмица е единствената општина во Македонија која ја прифати нашата понуда за соработка.

-Струмица е првата и единствена општина засега каде што Банката за храна има директна поддршка од Советот и градоначалникот Заев, бидејќи таквите акции беа предложени и до сите останати општини во Македонија, но на жалост не успеавме да воспоставиме некоја делумна комуникација, а камоли да добиеме некоја конкретна поддршка. Но како и да е сиромаштијата тропа на сите врати, а ние сме тука да помогнеме колку што можеме и умееме, рече Христов.

Ленче Христова од Организацијата на жени на Струмица истакна дека го одбрале училиштето „Маршал Тито“ заради неговиот мултиетнички карактер.

-Причината зошто го одбравме токму ова училиште е неговиот мултиетнички карактер и затоа што сметаме дека различностите обединуваат и треба да ги негуваме. Организацијата на жени и Банката за храна соработуваат од 2012 година и со помош на хумани луѓе од нашиот град, а особено поради заложбата и помошта од општина Струмица на чело со нашиот градоначалник Зоран Заев, во изминатите години се поделени над осум тони храна на семејства кои припаѓаат на социјално ранливите категории, а искрено посакуваме тој број понатаму да опаѓа, но за жал истиот се повеќе се зголемува, рече Христова.

Напишете коментар