Доделени грантови за 30 тина земјоделци во рамките на проектот Управување со сливот на река Струмица

Денес, 26.12.2016 година (понеделник) во хотел „Сириус“ во Струмица се организира
свечен настан по повод официјалното прогласување на добитниците на грантови во
современа земјоделска опрема и доделување на сертификати од страна на Г-а Луиза
Винтон, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Овој настан се организира во рамките на проектот „Управување со сливот на река
Струмица“ кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го имплементира во
партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а е финансиран од
Швајцарската агенција за развој и соработка.
Доделувањето на ваквите грантови на земјоделските производители е дел од
активностите што се имплементираат по проектот кои имаат за цел воведување на
иновативни решенија за подобрување на пристапот до информации за агроеколошките
мерки и добрата земјоделска пракса.
Огласот за учество на обуки и распределба на грантови за воведување на
агроеколошки мерки во сливот на река Струмица беше објавен на 17.05.2016 година, на
кој се пријавија земјоделски производители на сливи, јаболка и круши од општините
Радовиш и Конче и земјоделски производители на домати и пиперки од општините
Струмица, Босилово, Ново Село и Василево.
По претходно утврдени критериуми беа избрани околу 60 земјоделски производители
од двата микро региони кои изминатиов период посетуваа теоретски и практични обуки.
По завршувањето на обуките беше спроведено тестирање во два дена, каде што
кандидатите од Струмичкиот микро регион полагаа на темите: градинарство,
наводнување, заштита и почви, додека кандидатите од Радовиш и Конче на темите:
овоштарство, почви, заштита и наводнување. Врз основа на бодовите добиени од
самите апликации, од присуството како и од тестирањето беше направена една ранг
листа врз основа на која 20 кандидати од Струмичкиот микро регион и 10 кандидати од
Радовиш и Конче со најголем број на бодови станаа добитници на грантови во
материјали и земјоделска опрема во висина до 300.000 денари. Грантовите опфаќаат
системи за микронаводнување, уреди за следење на влажност во почвата, системи за
фертиригација, опрема за следење на појавата на болести и штетници итн.
Исто така за сите учесници беше направена детална почвена анализа врз основа на
која ќе се изработуваат програмите за наводнување и исхрана на културите.

Воведувањето на современи агроеколошки мерки ќе придонесе кон зголемување на
приносите и намалување на примената на агрохемикалиите и водата за наводнување,
со што директно ќе се намалат производните трошоци, како и влијанието врз животната
средина. Исто така целта е избраните пилот фарми да станат пример за современо и
одржливо земјоделско производство, што ќе може понатаму да се пресликува на многу
поголема земјоделска површина во сливното подрачје.
По успешното спроведување на првиот циклус, се очекува во 2017 година да се
имплементира и втор циклус на обуки и доделување на грантови за воведување на
агроеколошки мерки со што ќе се овозможи зголемување на конкурентноста на
земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз
животната средина.

Напишете коментар